Македонскиот јазик и идентитет не се на масата за преговори, Берлин останува оптимист за првата меѓувладина до крајот на годината

Нашата државност почива на темелите на антифашизмот, но неприфатливо е давање етнички карактеристики на фашизмот,  изјави вчера премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, осврнувајќи се на ставовите што ги искажа во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС, а кои предизвикаа реакции во јавноста.

Заев вчера одговараше на новинарски прашања по реакциите кои ги предизвика неговото интервју во македонската јавност, а меѓудругото потенцира дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори, наведувајќи дека никаде во светот не се преговара за идентитет и за свој мајчин јазик. Додаде дека Бугарија ја признава реалноста за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но сака да зборува за историјата, за минатото и за корените.

АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Но, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Дали било тоа во бугарски или кој било друг контекст. Темните страници од балканската и европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа, изјави вчера Заев.

Тој изрази жалење што интервјуто предизвикало силни негативни емоции, за кои, како што рече, е целосно свесен и ги разбира до детал.

– Но, во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија, која е пример како во име на иднината најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото. Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите, рече Заев и порача дека само со почитување на разликите и заедничка борба против говорот на омраза и нетолеранција во македонското и бугарското општество можеме да градиме добрососедски односи и заедничка иднина.

Шефот на државата Стево Пендаровски, вчера во интервју за Дојче веле на македонски јазик изјави дека македонско-бугарскиот спор може да се реши само ако доследно се почитува достоинството и на македонскиот и на бугарскиот народ, и со избегнување на опасната замка на историскиот ревизионизам кога тој наместо врз факти, е заснован врз политички конструкции.

-Го погледав интервјуто на премиерот и ги прочитав реакциите во македонската јавност, и во дел од коментарите, за жал, беше присутна дилемата дали државниот врв настапува единствено во однос на ова витално национално прашање. За решавање на спорови со стратешка тежина се потребни два предуслови: да постои политичка волја што понекогаш подразбира и политичка храброст да дојдете до консензус кој никогаш не ви го зголемува рејтингот, и второ – да се држите до историските факти кои се меѓународно верификувани и до политичката реалност која е очигледна. Во првиот дел, нашата јавност знае дека јас сум првиот македонски политичар во историјата кој јавно понуди поширок политички дискурс во однос на еден од најголемите апостоли на македонското револуционерно движење, вели Пендаровски.

Меѓутоа, додава претседателот, „не отидов понатаму, затоа што тоа е работа на Комисијата составена од историчари, најмалку работа на политичарите“.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на својот Фејсбук профил, пак, напиша историјата да се остави на историчарите, а политичарите да се занимаваат со сегашноста и со иднината.

-Идејата на договорот беше историјата да им се остави на историчарите, за ние да се занимаваме со сегашноста и со иднината. Да ги решаваме билатералните прашања билатерално, без тие да бидат пречка на патот кон ЕУ, вели Димитров.

Натаму наведува дека македонскиот јазик и идентитет не можат да бидат пречка за интеграција со Унијата која почитува културни и јазични различности како темелна вредност, ниту можат да бидат пречка за вистинско пријателство, бидејќи тоа секогаш се базира на взаемна почит.

-Ова е мој принципиелен став, ова е битка не само за македонската суштина, туку и за сржта на европските вредности, од кои нема отстапување, подвлекува Димитров и додава дека „ова е бесмртниот ’вирус’ на идеали против кој залудно се бара ’вакцина’“.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на новинарско прашање околу реакциите за интервјуто на  Заев, посочи дека она што премиерот го кажал не е негација ниту на фашистичката опасност, ниту на нашата антифашистичка борба.

-Како Влада и како луѓе ќе правиме се што е во наша можност да не направиме сите ние да бидеме заложници на историјата. Темните страници од балканската историја не треба да ни бидат судбина и ако европските нации најдоа сила да не забораваат, но да простуваат, тоа треба да го правиме и ние. Нашиот обид како Влада е да наоѓаме решенија кои ќе ни обезбедат европска иднина, нагласи таа.

Министерката за одбрана потенцираше дека она што го покажале во изминатиот период како Влада е дека сакаат и знаат да работат на компромис, но и дека кажувааат „не“ и не бегаат од „не“ таму каде што предлозите се неприфатливи. Така, како што посочи, ќе продолжат да прават и понатаму.

Реакција на интервјуто имаше од поранешниот претседател на државата и основач и долгогодишен лидер на СДСМ Бранкo Црвенковски, кој во јавно обраќање до раководството и членовите на партијата го оцени како скандалозно и оцени дека ставовите и тезите искажани во него ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Повика итно да се свика Централниот одбор на партијата на која ќе се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. А до одржувањето на таква седница, наведе дека го замрзнува членството во партијата.

СДСМ, пак во рекација на обраќањето на Црвенковски застана во одбрана на ставовите на Заев нагласувајќи дека тие се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, дека тоа се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори.

-Секој има право на свое мислење и став, дури и кога доаѓа после години молк. Но граѓаните и СДСМ, одамна и на време избраа европска иднина. Избраа да носат храбри и патриотски одлуки, кои конечно и практично ја движат македонската држава и целиот наш македонски народ кон исполнување на стратешките цели НАТО и ЕУ. Денеска резултатите на политиките на СДСМ и на Владата предводена од СДСМ се видливи на дело, а не само на зборови, велат од СДСМ и додаваат дек нема да навлегува во личните мотиви на Црвенковски, искажани во клучни моменти кога на цела држава и е потребен разум за остварување на стратешките цели поставени од независноста, меѓу кои и членство во ЕУ.

-СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја. СДСМ била, е и ќе остане државотворна партија и својата државотворност секогаш ја зајакнувала во вакви исклучително важни моменти, стои во реакцијата на СДСМ.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски,  вчера на протест пред Владата побара оставка од премиерот Заев  по неговите ставови во интервјуто и побара премиерот јавно да се извини за, како што рече, ставовите и навредите врз македонските граѓани и нашите предци и херои.

-Ние сме за пријателство со соседите. Ние сме за соработка, но не пријателство на свиткана кичма. Пријателство подразбира да си подадеме рака, да се погледнеме меѓусебно и да си помагаме. Ниту Бугарите имаат фајде од тоа ако не понижат, а особено боли кога како што вчера уште еднаш посведочи цела Македонија кога понижувањето доаѓа од родот свој. Барам Заев под итно јавно да се извини за своите ставови изнесени на бугарски медиум, за навредите врз македонските граѓани и нашите предци и херои, рече Мицкоски и за денеска најави протести со блокади во неколку градови.

Се огласи и историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката Македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, кој во изјава за Дојче веле истакна дека дека генерално, погрешен е пристапот историските прашања да се користат како политичка алатка. Политички изјави, вели, не би сакал да коментира, било да се од македонска или од бугарска страна. Но, она што во моментов ги отсликува состојбите, го смета за резултат на генерално погрешен пристап и на големите очекувања.

– Во Бугарија се разочараа, бидејќи се надеваа дека овде лесно ќе ја наметнат нивната перцепција и дека таа ќе биде прифатена. Бугарското вето овде болно се доживеа, бидејќи се сметаше дека ќе преовладее блискоста. Тоа е резултат на фактот дека малку се познаваме. Ни треба време за да дискутираме, ако треба и да се караме, се разбира, на научно ниво, со цел подобро да се запознаеме, и за да не ги креваме очекувањата неосновано, туку да ги држиме на разумно ниво, на долг рок. Така разочарувањата ќе бидат помали, а многу поголемо времето посветено на дијалог. За да го скршиме мразот ни треба и време, и дијалог и трпение, потенцира Ѓоргиев.

Со реакција се јавија и од Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и членовите продолжувачи, за како што наведуваат, неодмерените квалификации на премиерот Заев, изнесени во интервјуто дадено на бугарски медиум.

-Како учесници во најсветлиот дострел на вековната борба на македонскиот народ за своја слобода – НОБ, се чувствуваме навредени од омаловажувањето на нашата борба. Погодени сме што со тоа се врши ревизија на општоприфатената оцена од светската историја за Втората светска војна. Очекуваме премиерот да се огради од изнесените свои ставови, велат од Сојузот на борците.

Бугарската страна вчера со помек тон, но сепак со непроменети позиции во однос на нејзините барања до македонската страна за кревање на рампата за почеток на преговорите.

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во интервјуто на премиерот Заев за агенцијата БГНЕС, гледа мал чекор во вистинската насока.

– За ова му честитам на Заев. Тој собра храброст, поради што некои од неговите противници го критикуваат. Ако се продоложи вака, мислам дека следната година можеме да зборуваме за започнување на преговарачкиот процес, изјави Каракачанов при посетата на Националниот воен универзитет „Васил Левски“ во Велико Траново.

Во меѓувреме, во бугарското МНР на разговор бил поканет вршителот на работи амбасадор на Република Северна Македонија во Бугарија, при што му било пренесено дека Софија ја цени брзата реакција на Скопје во врска со случајот на палење на бугарското знаме и пројавите на говор на омраза на социјалните медиуми против членови на бугарската Влада.

Сепак, бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева во интервју за Ефе изјави дека Бугарија ќе го блокира почетокот на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ се додека не се стави крај на „говорот на омраза кон се што е бугарско“. Според Захариева, односите меѓу Бугарија и Северна Македонија треба да наликуваат на односите меѓу Шпанија и Латинска Америка.

-Проблемот со историјата е што погрешните и лажни интерпретации на настаните, луѓето и случувањата имаат директно влијание врз актуелните случувања и тоа создава јазик на омраза и негативна кампања против Бугарија и Бугарите, нешто што е апсолутно недозволиво за нас, вели таа.

Таа повторно со критика дека македонската страна не го почитува Договорот за добрососедство и ја повтори бугарската позиција во преговарачката рамка за С Македонија да бидат вклучени три посебни точки: формулација за официјалниот јазик на Северна Македонија, патоказ за реализирање на Договорот од 2017 година и откажување од страна на Скопје од претензиите за постоење македонско малцинство во Бугарија.

Берлин останува посветен на заложбата Северна Македонија до крајот на годината да ги почне преговорите, а ставот го изнесе германскиот министер за Европа Михаел Рот во заедничкото интервју за „Велт“ со вицепремиерт за европски прашања Никола Димитров.

Рот изразува оптимизам, но и обврска кон даденото ветување на Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ за време на германското претседателство со Советот на ЕУ.

-Како уверен Европеец, секогаш останувам оптимист. Дадовме ветување дека во текот на нашето претседателство со Советот ќе се потрудиме да добиеме зелено светло за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија. И јас се чувствувам должен кон ова ветување. Преговорите не се неуспешни, но треба уште многу да се направи…-На состанокот на Советот на министри речиси сите делегации уште еднаш ставија до знаење дека билатералните теми помеѓу две земји би требало и таму да останат. И дека сега треба да се фокусираме на централните прашања кои се важни за започнување на пристапните преговори. Ова мора да се направи затоа што нам итно ни е потребен позитивен сигнал за Западен Балкан, вели Рот.

Димитров од своја страна нагласи дека ние ќе продолжиме да преговараме, останаа уште неколку недели и се надеваме дека со помош на германското претседателство со Советот на ЕУ ќе оствариме успех заедно со нашите соседи во Бугарија. -Но доколку не се постигне решение, тоа ќе оди во прилог на скептиците и националистите, а на штета на проевропските реформатори, предупреди Димитров.