Активни 20 687 случаи на заболени од Ковид-19, наскоро во земјава ќе пристигне лекот „Фавипиравир“

Во земјава до вчера како активни се регистрирани 20 687 случаи на заразени во Ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега беа заболени 55 127 лица, се излекуваа 32 894, а починаа 1546 лица. Како што најави директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Љирим Шабани, се очекува наскоро во земјава да пристигне лекот „Фавипиравир“, кој според светските клинички студии, дава позитивни ефекти при третман на лекување на коронавирусот.

Лекот, како што посочи Шабани, е одобрен од Агенцијата за лекови, и се продава со различни трговски имиња: „Авиган“ од Јапонија и „Фавира“ од Турција.

– Една од компаниите најверојатно ќе го донесе „Авиган“ оргинаторот, оргиналиот лек од Јапонија, а кога ќе биде тоа зависи од техничките услови. Тие имаат одобрение уште денеска, уште утре да го донесат, но кога ќе го донесат тоа не зависи од наша страна. Другата компанија сака да го увезе лекот „Фавира“ од Турција и тој го одобривме откако ги проверивме сите сертификати. Турција е поблиска и најверојатно многу брзо ќе биде достапен кај нас. Лекот се очекува набрзо да пристигне во државава, рече Шабани.

Тој потенцира дека претходната недела добиле барања од страна на лекарите специјалисти и со оправдано писмо за користење на лекот во државава, постапиле веднаш  и ги разгледале сите барања. Конечно во петокот, појасни Шабани, се исполнија сите услови во делот на проверка на сертификати и сите други законски обврски и добивме мислење и од Комисијата за заразни болести за на крај да одлучиме тој лек да го одобриме како интервентен увоз во државава.

– Главна намена на лекот, главна индиција не е коронавирусот, туку е за нешто друго. Тој се употребува веќе шест години во Јапонија. Искуствата, стручните студии, клиничките студии, што ги прават во целиот свет покажуваат дека дава позитивни ефекти при третман на лекување на коронавирусот. Нашите лекари тоа го потврдуваат и на нивно барање и стручно мислење ние го одобривме. Лекот ќе биде дистрибуиран главно во болниците, нагласи Шабани.

Во врска со тоа дали има најава за увоз на друг лек, рече дека засега ја чекаат вакцината против Ковид-19.

– Сите сме во очекување да почне дистрибуцијата на вакцината против коронавирусот и ние што побрзо да добиеме што побрзо одреден број количини. Во моментот кога ќе стигнат тие количини во државата веќе имаме пропишани прописи како тоа се да го изведеме до крај, додаде Шабани.

Проф. д-р Александра Грозданова од Фармацевтскиот факултет при УКИМ, која е претседател на Комитетот за имунизација во изјава за МИА нагласи дека државава ќе ја добие вакцината против Ковид-19, која прва ке биде регистрирана и одобрена преку Ковакс механизмот. Нагласи дека реално би било тоа да се случи во првите месеци од 2021 година.

Договорот со Ковакс механизмот кој го потпиша Република Северна Македонија, посочи таа, предвидува вкупна количина од 800.000 вакцини, односно по две дози од вакцината за вкупно 400 илјади луге.

– Во првите 20 проценти се предвидува вакцинирање најпрво на ризичните групи како здравствените работници, хронично болните и постарата популација. Потоа секако се планира набавка на дополнителни количини на вакцини и за останата популација, потенцира д-р Грозданова.

Според последните информации, во ковид центрите во болниците низ земјава надвор од Скопје се лекуваат вкупно 821 пациент позитивeн и суспектен на коронавирусот, додека во скопските ковид – центри се хоспитализрани 470 лица.

Од Министерството за здравство информираат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.

И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, Министерството за здравство соопшти дека е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.