МОСИНИКИЈА, МИЗИЈА, ДАРДАНИЈА И ТРОЈА
Мосиникија
На Црното Море, западно од Битинија и Трапезунт, била областа под хоронимот Мосиникија. Мосиничаните биле колонисти, бегалци од средно Подунавје, каде покрај денешниот град Доњи Милановац, постои и гратчето Мосна. Етнонимот потекнува од зборот мосна-дрвена куќа, барака и оикос–куќа. Грејвс31 наведува дека Бригите во Македонија порано се викале Мојсиници.
31 Grevs, R. The Greek Myths, Penguin books, Middlessex, 1972.
Тие во доба на Персиското царство биле вклучени во деветнаесетиот страп. Во војните, на главите имале дрвени капи, а носеле мали штитови и кратки дрвени копја. Во војните со Мосиничаните заповедал Артаико, сатрап во Сест на Хелеспонт.32
32 Херодот, Историја, III, 94, VII, 78, Матица Српска, Београд, 1988.
Мизија
Во северозападниот предел на Мала Азија се наоѓа покраината Мизија, која во Хомеровото доба се простирала од Есап до Олимп, а пoтоа се делела на голема и мала Мизија. Хоронимот потекнува од зборот mys – глушец, додека етнонимот би бил mysoi – Мизијци. Сенц,33 цитирајќи го Хомера, наведува дека Мизијците се народ во Европа и тоа на Дунав.
33 Senc. St.: Grčko-hrvatski rječnik, s. 623, Kr. Zemaljska tiskara, Zagreb, 1910.
Во нашите лингвистички истражувања на ономастиката на Панонија ги утврдивме топонимите во Мачва по името Мишар, за село и брдо крај Шабац и регија кај Обедска бара. Името ’мишар’ постои во Србија и за птица-грабливка од фамилијата на јастреби (Buteo buteo), која се харни, главно, со полски глувци. Село Мишар постои, исто така, во Поцерин, со повеќе од 1.000 жители. Етимолошки, зборот ’мишар’ припаѓа на балканската палеоглосологија и се состои од зборот ’mys’ што значи глушец и зборот ’ар’ – навистина. Судејќи по сè, глушецот бил тотем на праисториските жители на Мачва, кон кого тие покажувале особено почитување и своето потекло, како на пример ахејските Мирмидонци на Еак и Ахил дека генеолошки потекнуваат од мравки. Така и во традицијата на Мачвани останале овие имиња, ама и правецот на нивната преселба од бреговите на Сава и Дунав до Мала Азија. За време на Римјаните се јавува синонимот Мезија и Моесија – Горна и Долна Мизија.
Хомер34 за Мезијците пее: „Мишаните го водеше Хромис и Еном, гатар кај птиците.“
Страбон35 смета, исто така, дека тоа биле европски Мизијци, познати како Мезијци за време на римските освојувања. Еден од кралевите на областа Мизија бил Теутрант (Τεύθρας) во долниот тек на реката Кајка. Кајшката рамнина била најплоден дел на Мизија. Него го наследил Телеф (Telefos) кој станал основач на пергамската кралевска лоза. Владеел со Мизија кога Грците тргнале во Тројанската војна. Се борел херојски и ги потиснал Грците во лаѓи, но бил ранет од Ахил. Кога раните му биле излечени, Телеф ветил дека веќе никогаш нема да се бори против Грците. Неговата жена Лаодика му ги родила на Телеф синовите Тархон, Тирсен и Ром. Тие подоцна, по Тројанската војна, ги воделе Етрурците во областите на средна Италија подоцна наречени Тиренија и Етрурија.36
34 Хомер, Илијада и одисеја, II, 858, Нови Сад, 1985. (прев. М.Н. Ѓуриѓ)
35 Strabo.: Geographia, Meineke, Lipsiae, I, II, III, VII, 3, 2-10, 1913, Meineke, Lipsiae
36 Strabo.: Geographia, Meineke, Lipsiae, V,2, 2, 1913, Meineke, Lipsiae
Дарданија и Троја
На најсеверозападниот дел на Мала Азија на Хелеспонт се наоѓала покраината Дарданија. Основач бил епонимниот јунак, кралот Дардан, а нејзините жители се викале Дардани (Дарданци).
Дардан (Дарданос) во митологијата е Зевсов син и на Елетра, која била Океанова и Тетии ќерка, Таумантова сопруга (Ада Форко-Тумац крај Белград). Името Дардан е кованица од словенскиот збор дар-поклон и палеобалкансиот збор Диос-Дан ерго Дар-Дан: подарок од богот Диос-Божидар. Негови синови се Ил и Ерихтониј, додека ќерка му била Идеја.
Ил (Илос) е основач на градот Илиона-Троја. Хомер37 наведува: „Ил, пак, го роди синот примерен Лаомедонт,/ а Лаомедонт ги роди Титон, Пријам, Ламп,/ Клитиј, Хикетаон…,/ Асерак, Капис го роди, а овој синот Анхис,/ Енеј, пак, го роди Анхис, а Пријам Хектор прекрасниот.“
37 Хомер, Илијада и одисеја, XX, 236, Нови Сад, 1985. (прев. М.Н. Ѓуриѓ)
Ерихтониј (Erihthonios) бил најбогат меѓу смртниците. Поседувал три илјади кобили, од кои некои ги оплодил Бореј.
Идеја (Идаиа) била втора сопруга на тракијскиот крал Финеј. На нејзино наговарање, кралот Финеј ги ослепел синовите од првиот брак и ги фрлил, заедно со нивната мајка Клеопатра, во зандана.
Тројанскиот коњ
Нив ги ослободиле Бореадите во време на походот на Аргонаутите, а Идеја ја вратиле на нејзиниот татко Дардан, епонимен херој на балканските Илири-Дарданци кои ги населувале областите околу планината Шара.38
38 Appian, Hist. Illyr., 2.: Diod. Sic., IV, 43 и понатаму
За време на Лаомедонт (Laomedon), Троја станала моќен град и нејзината власт се протегала до реката Стримон во Македонија. Градот бил заштитен со високи бедеми, каде учествувале Аполони Посејдон по казна на Зевс. Бидејќи Лаомедонт одбил да ги награди, тие на Троја ù пратиле чума и морско чудовиште кое голтало луѓе.
По совет на прорштвото, Лаомедонт бил присилен на морската аждаја да ја жртвува својата ќерка Хесиона. Кога несреќната принцеза била прикована за карпа и препуштена на својата зла судбина, кралот објавил дека на нејзиниот спасител ќе му подари божествени коњи. Се раскажува дека Херакле, пред Аргонаутите да преминат низ Хелеспонт, во Троада ја спасил Хесиона, ама превртливиот тројански крал одбил да го исполни даденото ветување.
Поради тоа, Херакле дошол пред Троја, го освоил градот, го убил Лаомедонт со помош на Телемон и сите негови синови, освен Пријам. Херакле ја омажил Хесиона за Теламон, која му го родила Теукар, полубрат на Големиот Ајант, крал на островото Саламина.
Пријам, Хектор и Парис
Пријам (Priamos) бил последниот владар на Троја. Во младоста им помагал на Фригијците во борбите против Амазонките. Бил оженет со Хекаба, ќерка на кралот на Фригијците Димант, која родила деветнаесет деца, меѓу кои биле Хектор, Парис-Александар, Хелен, Троил и други, како и ќерките Касандра, Лаодика, Поликсена и др. Тројанската војна го затекнала Пријам како уморен старец, кој сета власт им ја препуштил на своите синови. Кога Грците ја зазеле Троја после 10 години војување, него го убил Ахиловиот син Неоптолем.
Хектор (Ektor) бил најмилиот син кого Тројанците, поради неговата храброст и благородност, го почитувале како бог. Во текот на Тројанската војна, Хектор ги предводел тројанските чети и ги натерал Грците на повлекување и во повеќе наврати ги загрозувал нивните логори, го убил Патрокле, а, во осветничкито гнев, Ахил го убил и Хектор. По разорување на Троја, при поделбата на пленот, Хекторовата сопруга Андромаха (Andromahe) му припаднала на Ахиловиот син Неоптолем. Со нив таа отишла во тесалската Фтија, каде му родила три сина – Молот, Пергам и Пијел.
По Неоптолемовата смрт во Делфи, Андромаха се премажила за својот девер Хелен и со него отишла во Епир меѓу Илирите – Епироти. Во Епир, сопружниците основале Нов Илион. Овде ги нашол Енеј на својот пат за Италија. По Хеленовата смрт, Андромаха со синот Пергам отишла во Мизија, каде го основале градот Пергам. Нејзината судбина ја обработил Еврипид во истоимената трагедија.
Парис (Paris) бил најмладиот и најубав тројански принци, но и „пример“ за Тројанската војна. Во митологијата, кога еден ден Зевс решил да предизвика војна, за да го разретчи човечкиот род и да уништи јунаци, а истовремено да ги прослави грчките херои и својата ќерка – убавата Хелена, Менелаевата жена од Спарта во Лакедемонија, ја искористил божицата на „неслогата“ Ерида за да предизвика голем судир. На Пелеевата свадба, каде покрај останатите богови биле и трите божици – Хера, Атена и Афродита, Ерида меѓу нив фрлила златно јаболко на кое пишувало: „На најубавата“. Ниеден од присутните богови не сакал да биде судија во овој спор. Проблемот го решил Парис, откако Афродита му ја ветила најубавата смртница – убавата Хелена, па неа ја прогласил за најубава и ù го предал „златното јаболко на раздорот“.
Парис, по Афродитиниот налог, изградил лаѓи и заедно со својот роднина Енеј и со морнарите отпловил во Спарта, каде срдечно го примил Менелај, а после десет дена отишол на Крит за да учествува во некои игри. Во тоа време, Парис со својата убавина, раскошна облека и богати подароци ја стекнал, многу бргу, љубова на Менелеевата сопруга Хелена, која доброволно тргнала со него во Троја, а по извесни перипетии и во Египет. Хелена во Троја срдечно ја примиле. Во меѓувреме, Менелај и Одисеј побарале од Пријам да им ја врати Хелена, но Тројанците одбиле и така дошло до војна. Во војната, Парис го убил најголемиот грчки херој Ахил, така што со стрела го погодил во петицата, единственото ранливо место на неговото тело („Ахилова пета“).
Енеј, Латин и Норак
Енеј (Aineias) во митологијата е син на тројанскито принц Анхис, Дарданов потомок и втемелувач на моќта и славата на Рим. Бил многу активен во Тројанската војна, каде поради својата исклучителна храброст уживал најголемо почитување од Пријам, Хектор и од останатите Тројанци. Последните денови на војната, Енеј, со таткото Анхис, синот Аскариј и жената Креуса, се засолнил на планината Ида. Според легендата, по војната и кус боравок на Ида, со своите луѓе тргнал преку Тракија и Македонија, Егејското Море околу Пелопонез, стигнал на бреговитена Епир каде срдечно го дочекале роднините Хелен и Андромаха.
Откако го посетил пророштвото во Додона, Енеј преку Јонското Море стигнал до Сицилија каде ги основал градовите Егест и Елим, но тогаш неговиот татко Анхис умрел. Со бродови од Сицилија се упатил кон западните брегови на Италија, ама поради бури, извесно време престојувал во Картагина, а потоа отпловил повторно за Италија каде се истоварил кај Кум, па продолжил понатаму северно до устието на Тибар. Тука пријателски го примил Латон, крал на Лација, му се поклонил, му дал дел од земјата и му ја ветил својата ќерка Лавинија за жена, а потоа склучиле сојуз.
За кралот на Лациј, Латин (Latinus) постојат две преданија. Според најстарото,39 тој е Одисеев и Киркин син, кој владеел со Тирсените, заедно со својот брат Агреј.
39 Hesiodus, Fragmenta & Theogonia, p. 1011.
Тирсените или Етрурците (од Tursci –Tusci) мигрирале од Мала Азија, од областа Лидија, во бранови околу 1000 година пред Христа и се доселиле во северозападните области на Апенинскиот полуостров, на бреговите на Тиренското море и го дале својот хороним Тоскана.
Со Етрурците мигрирале и племиња од главниот град на Лидија, Сард, кои го колонизирале островот Сардинија. Грејвс наведува дека внукот на кралот Герион од Ада Кале – Еритеја на Дунав, под името Норак, уште пред овие настани основал колонија во Сардинија и го втемелил, уште пред Нор, најстариот град на островот и ја донел азбуката на дрвата…
Во римските легенди, Латин е син на богот Фаун и нимфата Марика, крал на Аборигините (не се од борејско потекло) или на Херакле со Фауновата ќерка или вдовица. Најпозната е генеологијата која го поврзува Латин со легендата за Енеј. Имено, Енеевата ќерка Рома се омажила за Телемаховиот и Киркиниот син Латин и му ги родила Ромул, Рем и Телегон. Постои, исто така, предание дека Латин е основач на Рим и дека тој овој град го нарекол по името на својата умрена сестра Рома.
Бидејќи кралот Латин, пред доаѓањето на Енеј, му ја ветил својата ќерка за сопруга на рутулскиот крал Турн (Turnus) од племето Ротули во Ардеја во Лација, се спротивставила кралицата Амата и дошло до раскинување на сојузот со Енеј. Набрзо избил судир помеѓу Тројанците и домородците. Судирот долго траел со променливи исходи, кога на крајот Турн загинал, а кралицата се убила.
Енеј се оженил со Лавинија и ù подигнал град на Лавинија. По Енејовата победа, домородците ги задржале обичаите и јазикот на своите прататковци. По смртта на кралот Латин, Енеј владеел со здружените Тројанци и Латини, но загинал во војните со Етрурците. Подоцна, Римјаните во легендата за Енеј виделе можност да се поврзат со најславните богови и јунаци на Троја и Егејот, па поради тоа го сметале Енеј за свој голем предок и божество.
Продолжува
Пишуваат:
АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВ-ДОНЧО И
СЛАВЕ КАТИН