Во сите свои денешни извештаи и анализи за вчерашната средба во Берлин меѓу канцеларката Ангела Меркел и македонскиот премиер Зоран Заев грчките медиуми акцентот го ставаат врз оптимизмот на Меркел за можноста за изнаоѓање решение на прашањето со името, но и за употребата на уставното име.
Изнесените ставови од Меркел и Заев на прес конференцијата се најдоа во сите медиуми во Грција, без разлика дали станува збор за весници, портали или телевизии, јавува дописникот на МИА од Атина.
„Меркел провоцира, му посака добредојде на ’македонскиот“ премиер’; „Меркел: Најблиско до решение од било кога до сега“;„Меркел најави решение и го крсти Заев, Македонец“; „Меркел со Заев: Никогаш поблиску до решение“, се само дел од насловите на текстовите објавени во денешните изданија на весниците, на насловните страници.
„По средбата со скопскиот премиер Зоран Заев, канцеларката на Германија, Ангела Меркел, направи проценка дека за разликата за името меѓу Грција и ПЈРМ никогаш во последните 10 години решението не било толку блиску колку што е денес“.
„Госпоѓата Меркел изрази оптимизам, додека, пак, господинот Заев потенцираше дека ПЈРМ придава особено значење на германската поддршка за геополитичките цели на неговата земја. Скопското прашање, утре, ќе се најде на агендата разговори на Меркел и Алексис Ципрас“, пишува „Катимерини“.
Средбата Меркел –Заев, беше дел и од централните изданија на вестите на грчките телевизии.
„Канцеларката Меркел со почести го пречека Заев како македонски премиер, средба на која што ѝ претходеше телефонски разговор со Алексис Ципрас“, објави грчката телевизија „Стар“.
Новинарката од грчката телевизија „Антена“, прилогот за средбата во Берлин, насловен „Меркел го решава (и) скопското прашање“, го започна со изјавата на германската канцеларка на почетокот од прес конференцијата, каде што вели дека се радува што може да го поздрави во Берлин, македонскиот премиер Зоран Заев.
-Зоран Заев со задоволство ја слушна канцеларката Меркел, не само дека го признава неговиот македонскиот идентитет, туку и дека гледа решение, коментираше новинарката во прилогот на „Антена“.
Употребата на фразата „македонски премиер“ од Меркел, ја коментираше и одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, упатувајќи критики до грчката влада.
„Меркел до Зев на средина од преговорите за името: Добредојде во Берлин за македонскиот премиер. Заклучок: Исклучително ефикасна и убедлива дипломатската активност на владата“, напиша Кумуцакос на неговиот твитер профил, пренесува МИА.