По вторпат не успеа обидот на опозицијата да се одржи расправа со власта на собраниската Комисија за надворешна политика, на која беше ставена точката за Утврдување на национален став за македонските ЕУ-интеграции, наспроти позициите на официјална Софија засновани на Објаснувачкиот Меморандум усвоен од страна на Република Бугарија, кои претставуваат закана за блокада на евро-интеграциите и нарушување на универзалното право на самоопределување.
-Дијалогот меѓу Владата и законодавната власт треба да се случува во Собранието. Нам не ни треба дијалог на тефериџ. Второ, во Собранието парламентарното мнозинство има мнозинство и во Комисијата за надворешна политика и доколку Владата оцени дека разговорот за македонското-бугарските односи содржи одредени информации од строго доверлив карактер или карактер на државна тајна, можат слободно тоа да го предложат и сигурен сум дека според Деловникот ќе им биде удоволено, впрочем како што беше тоа и во јули 2017 година, кога се разговараше за предлог договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Затоа е многу чудно што власта избегнува да биде дел од расправата од Комисијата за надворена политика каде што пратениците од владејачкото мнозинство имаат мнозинство и во самата Комисија, изјави Антонио Милошоски претседател на Комисијата.
Претходно, Милошоски на својот Фејсбук прфил објави дека Собранието во секоја членка на ЕУ секогаш е место за демократска расправа меѓу министрите и пратениците, за најважните национални прашања. -За жал во Македонија министрите бегаат од Собранието и пратениците, напиша Милошоски.
Тој исто така објави пратениците од власта денеска не прифатиле на дневен ред да се стават и да се усвојат следниве заклучоци кои се однесуваат на македонско-бугарските односи и ризикот од блокада на евроинтеграциите:
1.Собранието ги осудува позициите содржани во Објаснувачкиот меморандум на Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ во контекст на проширувањето и македонските евроинтеграции, како спротивни на Повелбата на Обединетите нации од 1945-та година, во која една од целите е развивање на “пријателски односи меѓу нациите засновани врз принцип на почитување на еднакви права и самоопределба на народите”, право кое неделливо му припаѓа и на македонскиот народ.
2.Собранието упатува апел до сите земји членки на ЕУ, до Европската Комисија и до Европскиот парламент да донесат безусловна одлука за почеток на преговорите со одржување на првата меѓувладина македонско-европска конференција.
На седницата беа поканети министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кои не дојдоа и на втората закажана комисиска расправа.
Кворум со присуство немаше ниту со пратениците од власта, по што ВМРО-ДПМНЕ на седница на Собранието ги испорачаа нивните барања – осуда од македонскиот Парламент за бугарскиот меморандум и апел до земјите-членки на ЕУ за почеток на преговори со Македонија.
Милошоски побара на дневен ред да се најдат два Предлог-заклучоци за односите со Бугарија, за кои тој побара Собранието да се произнесе.
-Предлагам како прва точка од дневниот ред да биде ставена информацијата за македонско-бугарските односи во контекст на позициите во Меморандумот на официјална Софија и ризикот за блокада на преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Сметам дека оваа тема е најактуелна, поради нашите аспирации кои имаат натпартиска поддршка, рече Милошоски.
Со вториот заклучок, предложен од група пратеници, Милошоски потенцира дека треба да се упати апел до сите земји членки на ЕУ безусловно да ги почнат преговорите со Република Северна Македонија.
Претседателот на Собранието Џафери рече дека за тие заклучоци нема доволно материјали за седницата. Откако Предлог-заклучоците на опозицијата не беа ставени на дневен ред, ВМРО-ДПМНЕ ја напушти салата.
Во врска со недоаѓањето на комисиската расправа, Османи денеска рече дека е отворен да разговара со опозицијата за кое било прашање, вклучитечно и за прашањата што се од државен и од јавен интерес и се многу сензитивни за сите граѓани.
-Меѓутоа не сум спремен да бидам дел од дневно-политичка драма и хистерија по однос на вакви сензитивни теми. Спремен сум денеска да се сретнам со опозицијата овде во Министерството, во нивното седиште, во Собранието, но ниту со нашата опозиција, ниту со бугарската, ниту со други политичари, немам намера да влезам во јавен политички дискурс или дебата кои може да бидат искореистени за дневно политички прашања и може да му наштетат на овој витален процес, особено сега кога тој е во завршница, изјави Османи одговарајќи на новинарско прашање зошто не се одѕвал на поканата да присуствува на денешната седница на собраниската Комисија за надворешни работи.
Тој нагласи дека со ова не избегнува транспаретност и комуникација, но во оваа атмосфера оптоварена со емоции, како што рече, таквите дебати и расправи во Комисијата нема да придонесат ништо конструктивно во овие клучни денови за процесот.
Османи додаде дека досега не бил контактиран за средба со опозицијата, туку само добил покана за учество на работата на собраниската Комисијата, истакнувајќи при тоа дека е подготвен да биде мост меѓу политчките партии, бидејќи, како што рече, внатрешната политчка кохезија е услов за успех на евроиинтеграцијата на земјата.
Претходно премиерот Зоран Заев оцени дека за ова прашање не треба да се прави политиканство и дека треба над се да биде интересот на државата. – Секојпат сме транспарентни, пред Парламентот што не избра и да бидеме присутни секаде. Никаде во светот, ниту пак кај нас во финалето за разговорите, заради тоа што на 17-ти, во вторник е веќе Советот на министри на ЕУ, во Собрание ќе дојдеме заради покажување на мускули од опозицијата, заради тоа што тие не се никако одговорни, покажале дека не се одговорни барем во последните години. Апсолутно за ништо не им е гајле и грижа што е со иднината на државата, рече Заев, одговорајќи на прашање во врска со расправата во Комисијата за надворешна политика во Собранието иницирана од опозицијата.