Остануваме посветени на наоѓање решение и работиме заедно како добри соседи посветени на заедничката европска иднина. Успешниот Берлински процес дава позитивен моментум и охрабрување на процесот. Тоа е надополнето со засилениот ангажман на германското претседателство. По денешните работните средби во Софија остануваме посветени на наоѓање решение. Тоа е важно за Северна Македонија и за Бугарија. Тие сакаат да има решение, ние исто така сакаме. Работиме заедно како добри соседи посветени на заедничката европска иднина.
Оваа порака ја упати Владата на Северна Македонија по средбите во Софија, каде делегација предводена од премиерот Зоран Заев учествуваше на Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.
Позитивно решение ќе биде добро за Северна Македонија, Бугарија, за цела Европа и за цел Балкански регион. Во спротивно, укажуваат од Владата, ќе имаме споделен неуспех за сите.
– Верувам дека имаме обновен импулс и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување и за спроведување на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на Самитот во рамки на Берлинскиот процес, на кој оваа година ко-домаќини се Бугарија и Северна Македонија.
Посебен акцент во своето обраќање Заев стави на новата динамика во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, особено по мартовскиот Европски совет со обновената преговарачка методологија и одлуките за започнување преговори со Северна Македонија и Албанија, и Загрепскиот самит во мај, како и со пакетот за проширување од Европската комисија оваа есен и со сериозниот Економски и инвестициски план.
Заев додаде дека заедно со напорите на германското претседателство со Европскиот совет, таа динамика е извонредна можност регионот на Западен Балкан сигурно да напредува кон ЕУ.
-Со најавените дури девет милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра, ЕУ исто така храбро ја потврди својата поддршка на Западен Балкан, рече премиерот Заев и додаде дека овој пакет ќе обезбеди голема финансиска поддршка за нашите реформски процеси и за економска трансформација на регионот.
Според премиерот, основите за економската, социјалната и зелената трансформација на нашиот регион за наредите години се цврсто утврдени и регионот исто така ја покажа својата зрелост и отпорност за време на оваа пандемија.
Заев додаде дека за време на заедничкото ко-домаќинство со Берлинскиот процес оваа година дополнителен поттик добија и неколку други процеси како што е регионалниот договор за патување со лична карта, проширувањето на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на ЕУ и јакнењето на соработката на полето на здравството како регионален одговор на пандемијата, како и соработка со граѓанското општество, особено на прашањата поврзани со младите.
Подоцна на прес-конференцијата премиерот Заев истакна дека оваа година прв пат има копретседавање на земји од регионот и тоа Република Северна Македонија и соседна земја членка на ЕУ Бугарија, што е доказ дека регионот го прифати овој процес за свој.
-Истовремено тој обезбеди извонредна платформа за натамошно негување на нашите односи, истакна тој.
На состанокот учесниците имале и можност да дискутираат за клучните стратешки насоки за регионот, за визијата за акцискиот план за заеднички регионален пазар и зелената агенда за Балканот.
ЕУ ја потврди поддршката за Западен Балкан со девет милијарди евра во грантови, надополнети од новиот инструмент за гаранција со кој можат да се зголемат инвестициите за дополнителни 20 милијарди евра. Ова, потенцира Заев, е голема финансиска поддршка за реформските процеси и за економската трансформација на регионот.
Визијата за акциски план за заеднички регионален пазар и зелената агенда, според него, го покажуваат вистинскиот правец. Ние, потенцира Заев, влеговме во нова фаза од нашата соработка, регионот ја презема сопственоста на многу иницијативи и процеси и тоа носи резултати.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов на прес-конференцијата рече дека со потпишувањето на декларациите за Зелената агенда за земјите од Западен Балкан и за Заеднички регионален пазар, државите од регионот покажаа дека веќе размислуваат и дејствуваат европски и за екологијата и за економијата и за нелојалната конкуренција.
– Овие 3,3 милијарди евра плус новите девет милијарди евра даваат можност за големи инфраструктурни проекти во регионот на Западен Балкан и она што отсекогаш сме го сонувале, обединување во сите области, како што е дигитална, транспортна и културна, изјави Борисов.
Со потпишувањето на декларацијата за заеднички регионален пазар, Борисов посочи дека 20 милиони луѓе од Балканот ќе може да имаат повисок стандард и како што рече, ќе може да ги задржиме да останат во регионот.
Посветеноста на Грција на Агендата од Солун и поддршката за европската перспектива на земјите од регионот, ги повтори грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за време на неговото учество, преку видеоконференција, на Самитот за Западен Балкан во Софија во рамките на Берлинскиот процес.
Мицотакис во обраќањето нагласи дека трансформацијата на Западен Балкан во област на мир, стабилност, развој и просперитет е важна како за Грција, така за Европската унија.
Паралелно, истакна тој, критичните прашања, како што се владеењето на правото, почитувањето на човековите права и правата на малцинствата, зајакнувањето на демократските институции, како и почитувањето на договорите, се предуслови за пристапниот процес на земјите од Западен Балкан.
Во овој контекст, според Мицотакис, исполнувањето на критериумите во процесот на проширување, вклучително и добрососедските односи согласно меѓународното право, се од клучно значење.
Во однос на пандемијата, Мицотакис истакна дека глобалната здравствена криза ја истакнува меѓусебната зависност и потребата од поширока соработка меѓу земјите од регионот, како и со Европската унија.
Германската кацеларка Ангела Меркел на прес-конференцијата истакна дека Берлинскиот процес секогаш е поврзан и со помирување на недоразбирањата и наследството од минатото, изразувајќи надеж дека овој процес ќе продолжи.
-За регионот она што морам да го кажам е дека мора да се согласувате едни со други. Не заборавајте, затоа што тоа е многу важно, порача германската канцеларка Меркел.
Овој самит, што се организира од две држави од кои едната е земја-членка а другата кандидат, како што кажа, се одвива под отежнати околности и добро е што двете земји покажаа дека можат да ја одржат конферецијата и во овие тешки услови и дека може да го претпостави напредокот што го постигнале.
-Сакам да ви честитам и за тоа што се согласивте околу зелената агенда и тоа покажува дека сите ние сме заинтересирани да изградиме економија што е способна да овозможи премин кон економија без јаглерод диоксид и унапредување на агендата, и климатските промени, како и Ковид-19, остануваат крупен предизвик што ќе биде важен за земјите од Западен Балкан, рече Меркел.
Шефот на ЕУ дипломатијата Јосеп Борел, кој се обрати преку видеопорака на Самитот во Софија во рамките на Берлинскиот процес побара да се задржи позитивниот тренд, вклучително и со отворањето преговори за членство со Скопје и Тирана.
– Западниот Балкан е во срцето на Европа и нивната иднина е во Европската Унија, затоа нашиот ангажман бил и останува силен, изјави Борел.
Главна тема на неговиот говор беше предизвикот од Ковид-19 и неговите последици. Борел потсети со колкава финансиска и материјална поддршка ЕУ му помага на регионот да се справи со оваа криза, вклучително и преку Економскиот и инвестициски план за Западниот Балкан презентиран минатиот месец. Тој рече дека економското закрепнување во пост-ковид периодот мора да биде „одржливо и социјално праведно“.
– Тоа значи да се цели кон зелено економско закрепнување и дигитална трансформација на економијата и општество, рече Борел, нагласувајќи ја Зелената агенда за Западниот Балкан која го придружува Економскиот и инвестициски план.
Важно е, според Борел, сите економски реформи да бидат поткрепени со силни политички реформи.
– Секој партнер во регионот знае што треба да се направи. Сега, со добредојдената одлука да се отворат преговори со Албанија и Северна Македонија, време е да се задржи позитивниот тренд и да се продолжи со работа. Да се работи заедно како што тоа го правиме во ЕУ е најдобар начин да се надмине наследството од минатото и да се гради подобра иднина. Тоа е јасен сигнал за нашата младина дека сериозно ги сфаќаме нивните аспирации за зелени, миротворни, праведни и просперитетни општества, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во изјава по Самитот за Западен Балкан во Софија истакна дека Економскиот и инвестициски план за регионот може да го смени економскиот пејзаж во регионот за четири до пет години, јави дописничката на МИА од Брисел.
Заедно со претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Вернер Хојер, тие ги поздравија и денешните заложби на балканските лидери за спроведување на Зелената агенда во регионот. ЕИБ веќе мобилизирала милијарда евра за справување со последиците од Ковид-19, во рамки на финансискиот пакет за регионот од 1,7 милијарди евра, усвоен во мај.
Лидерите од Западен Балкан ги потпишаа декларациите за заеднички регионален пазар и за зелената агенда
Лидерите на земјите од Западен Балкан, учесници на Самитот во Софија во рамките на Берлинскиот процес, ги потпишаа Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција, што е чекор кон единствениот пазар на ЕУ и Декларацијата за зелената агенда, кои се изработени и усогласени во годината кога со процесот кодомаќини се Северна Македонија и Бугарија.
Во Декларација за заедничкиот регионален пазар, се вели во соопштението од владината прес-служба, обединувачката заложба е трансформацијата на регионот во склад со правилата и стандардите на ЕУ, а со цел да се зајакне конкурентноста на регионот за да се приближиме до стандардите на единствениот пазар на Унијата. За ова на Самитот во Софија е донесен и Акциски план со конкретни чекори кои на регионалниот пазар ќе му обезбедат да се интегрира во ланците на европскиот и светскиот пазар.
– Во поддршка на реализацијата на оваа цел клучна улога има сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан за проекти во производните сектори и одржливата инфраструктура, како неопходен придонес за да се дефинира заедничката иднина на регионот во ЕУ за просперитет на граѓаните и компаниите, кои се залагаат да ги уживаат истите слободи како компаниите и граѓаните во Европската унија, се вели во владиното соопштение.
Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан има за цел да оствари јаглеродно неутрален континент до 2050 година, заедно со ЕУ, преку воведување во главните текови на строги климатски политики и преку преземање реформи на енергетскиот и транспортниот сектор.
Со Декларацијата, на која се обврзаа лидерите од регионот, се предвидува и деполуција на воздухот, водата и почвата во Западниот Балкан како заеднички интерес и на земјите од регионот и на ЕУ.
– Оваа декларација го опфаќа и земјоделието за имплементирање на политики за минимизирање на неговото негативно влијание врз животната средина и врз климата, како и за обезбедување на здрава храна по пристапни цени за граѓаните од земјите на Западниот Балкан и извозните пазари, информира владината прес-служба.
Земјите од Западен Балкан со декларацијата ги прифаќаат и европските политики за долгорочна стратегија за запирање на губењето на биодиверзитетот, заштита и обновување на еко-системите и биолошки диверзитет за што се предлагаат серија активности.
Учесниците на лидерскиот Самит на земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес денеска во Софија во завршницата на настанот го усвоија документот „Заклучоци на ко-домаќините“, кој се усвојува после секој Самит од овој процес во кој, меѓу другото, на Република Северна Македонија и на Република Бугарија им е оддадено високо признание за спроведувањето и организацијата на сите настани во текот на оваа година во која првпат со процесот претседаваа две земји, една членка на ЕУ и една држава кандидат за членство.
– Во прифатените „Заклучоци на ко-домаќините“ сите лидери на Самитот, земјите од Западен Балкан и нивните партнери од ЕУ, се согласија дека идејата за заедничко домаќинство, која прв пат е применета во рамките на Берлинскиот процес претставува јасен сигнал за зајакнатата регионална сопственост на процесот и дополнително ги зајакнува напорите насочени за политичка и социо-економска конвергенција и кохезија на земјите од регионот и на регионот во целина со ЕУ, информираат од Владата.
Потпишувањето на Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција и за чекор кон единствениот пазар на ЕУ и Декларацијата за зелената агенда, се вели во соопштението, го поздравија и бугарскиот премиерот Бојко Борисов и германската канцеларка Ангела Меркел.