Се разговара за клучните амбасадорски места во Вашингтон и Брисел, се работи на новиот закон за надворешни работи

 Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека утре ќе потпише решенија за упатување на првите амабасадори на нашата земја по подолго време, но и дека исто така ќе има состанок со работната група за новиот закон за надворешни работи.

Запрашан зошто во овој клучен момент на разговори со Бугарија, ние немаме амбасадор во Софија, Османи во интервју за ТВ 24 рече дека на претходниот амбасадор му е завршен мандатот, а уште не е избран нов. Во Амбасадата на Северна Македонија, додаде тој, имаме вршител на должност, меѓутоа, се разговара, бидејќи сепак овој процес бара консултации помеѓу Владата, претседателот.. за да донесеме решение кое ќе биде квалитетно.

-Овој процес го раздвижив откако ја презедов функцијата и веќе очекувам утре да ги потпишам првите решенија за упатување на првите амбасадори. Еден дел ја помина веќе собраниската фаза, односно Комисијата за надворешна политика. Да потсетам дека тоа е долг процес, прво треба во Министерството, во Влада, претседател, Собрание, па повторно уште еден циклус на потврдување на тие одлуки на истите тие институции и успеавме во овој период навистина да го деблокираме процесот. Тука даде поддршка, морам да признам, и Комисијата за надворешна политика во Собранието која што ги интервјуираше амбасадорите, даде пат за првата група, рече министерот за надворешни работи.

Првиот амбасадор кој ќе замине на мисија е Дане Талевски во НАТО, а потоа, како што кажа, веројатно утре ќе ги потпише решенијата и за амбасадорите во Женева во ОН, во Тирана, Хаг и други доколку се готови решенијата.

Во однос на клучните амбасадорски места во Вашингтон и Брисел, Османи кажа дека тие разговори се прават во моментот.

-Јас бев концентриран сега да може овие што беа на листа на чекање и беа блокирани во Собранието. Се сеќавате дека поради изборите Комисијата за надворешна политика не ги повикуваше на интервју, и тоа стана поголема листа дури над 20 амбасадори коишто чекаа за интервју, така што ми беше многу важно да го деблокирам тој процес за да можеме да ги испратиме овие амбасадори за да може да ни остане фокусот кон местата коишто се празни, рече шефот на дипломатијата.

Во однос на новиот закон за надворешни работи, Османи рече дека утре ќе има средба со членовите на работната група и првата презентација по насоките што ги дал.

-Законот е се уште во работен процес во Министерството. Утре е првата презентација на работната група од истакнати правници од Министерството. Побарав компаративни анализи од земјите со слични карактеристики како нашата. Имав средба и со синдикатите во Министерството, бидејќи сакам процесот да биде инклузивен и вработените да бидат вклучени. Сепак, законот се однесува и на нив, но пред се, законот треба да биде наменет за целите, а тоа е ефикасна надворешна политика, рече Османи.

Новиот закон во минатиот мандат, како што посочи тој, дојде до фаза на седница на Влада, меѓутоа неколку институции имаа негативни мислења, вклучувајќи го и Министерството за финансии поради тоа што законот предвидувал, како што кажа Османи, посебност на административците во МНР од Законот за администрација и нивно покривање само со Законот за надворешни работи, што смета дека е добар правец.

-Меѓутоа, сепак е прашање кое што ќе бара согласност од Министерството за финансии заради фискалните импликации коишто ги има и Министерството за информатичко општетсво и администрација и имаше забелешки од одредени други институции и затоа јас го вратив законот на почетна фаза, појасни министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ 24.