Во копретседателството на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес, со тоа што едната е земја-членка, а другата земја-кандидат има голема симболика и силна порака за европската иднина на целиот регионот, порачаа денеска министрите за надворешни работи на двете земји Бујар Османи и Екатерина Захариева, по состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од Берлинскиот процес. Овој процес, потенцираа, треба да овозможи заеднички пазар, подобро инфраструктурно и секакво други поврзување и поголема слобода на движење на луѓето во регионот.
Ние, додаде бугарската министерка за надворешни работи, сме убедени дека добрососедските односи и строгото исполнување на односите е начин за гаранција на регионалната стабилност и за сите прашања.
-Сега добрососедството и солидарноста се потребни од кога светот е опфатенод таква криза со корона вирус и за жал крриза за безбедноста, кога ќе земеме предвид терористичките напади во Виена, Ница, Париз и во други места во светот и ЕУ потврди своето ангажирање во тие тешки кон регионот вклучувајќи го ЗБ во планот на рехабилитација на регионот, рече Захариева.
Министерот Османи, пак, изрази надеж дека ќе биде послушан повикот за разум за надминување на отворените прашања меѓу двете земји.
– Не е тајна дека и покрај вложениот труд, како и интензивираната дипломатска активност и комуникација нашите две земји се уште имаат одредени предизвици да најдат заедничко разбирање кое ќе помогне во усогласување на преговарачката рамка, која е предмет на дискусија во Брисел, како и разликите во очекувањата во нашите заемни односи. Сепак, ваквиот развој немаше негативни импликации врз Берлинскиот процес, што само по себе покажува нова политичка зрелост, каква не сме навикнати да гледаме често на Балканот. Јас сум оптимист, заедно имаме вложено многу. Сметам дека имаме пријатели кои не поддржуваат и помагаат, имаме заемен интерес да живееме во европски регион и на крај ние сме многу сме блиску за да не успееме да најдеме решение, рече Османи.
Копретседавањето со Берлинскиот процес, според него, е важен момент со огромна симболика, која, како што рече, укажува дека регионот презема иницијатива и одговорност врз процесите што ја определуваат неговата иднина.
-Денеска ние имавме позитивна размена со ефективен придонес за регионот и тоа соодејствува со нашиот водечки принцип што го применуваме уште од самиот почеток на нашето заедничко претседавање со Берлинскиот процес, продлабочување наместо проширување и тоа во смисла на напорите да обезбедиме континуитет на веќе лансираните иницијативи од последните години, конкретни и опипливи резултати со забележителлен позитивен ефект врз нашиот регион, рече Османи посочувајќи на регионалниот договор за слободно патување со лични карти во земјите од Западен Балкан, регионалните зелени коридори и транспортните коридори на ЕУ, како и здравствената соработка во пандемија.
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас рече дека ова е прв пат две земји да копретседаваат со Берлинскиот процес, што е многу значајно за сите граѓани во регионот.
Берлинскиот процес, додаде Мас, го лансиравме како идеја пред шест години за интеграцијата на Западниот Балкан да се овозможи и да се даде платформа. Политичката вредност на ова, според него, е се уште од исклучителна важност. Сега рече тој, е време да се преземат конкретни чекори и проекти како креирање солидарност во срцето на Европа и тоа е она што планираат да го направат.
-Годинава земјите од Западен Балкан планираат да реализираат нова димензија на соработката како заеднички пазар. Тоа ќе ги зајакне економиите на сите земји од регионот, ќе овозможи поголема слобода на движење и ќе постави подобри услови и за помалите и поголемите компании, рече Мас. Инвестирањето во иднината, потенцира, е вистинскиот начин да се движи напред.
Османи и Захариева потенцираа дека лидерите на земјите од Западен Балкан, со поддршка на Европската комисија, утре ќе донесат важни одлуки за заеднички регионален пазар, како и Декларација за агендата на Западен Балкан, со којашто ќе се потврди ангажирањето на земјите со конкретен план да се доближат до стандардите и нормите не ЕУ, што ќе донесе и повеќе безбедност и просперитет за граѓаните.