МД „Илинден“: Ние сме Македонци, во Албанија ниту имало, ниту има Бугари

Македонското друштво „Илинден“-Тирана, остро реагира на, како што стои, неоснованите тврдења на друштвото за бугарско – албанско пријателство од Корча, за постоење бугарско малцинство во Албанија, како реакција на ставот на „Илинден“ дека во оваа земја немало и нема Бугари.

МД „Илинден“-Тирана своите ставови и објави ги потпишува со името и презимето на претседателот, за да се знае дека има и претседател, раководство и членство, претставувано од претседателот и никогаш не се затскривало јасно и гласно да го каже својот став.

-Претседателот на МД„Илинден“-Тирана е Македонец, роден во Тирана со предци кои потекнуваат од Голо Брдо. И затоа не се срами, како Македонец да се потпише на реакцијта на членството на друштвото што го претставува. За разлика од тоа, реакцијата на друштвото за бугарско-албанско пријателство од Корча нема потпис, ниту име на претседател, ниту заменик. Па, прашањето кое реално се наметнува е кои се тие Бугари во Албанија кои се срамат да си го напишат името како Бугари? Или, дволичноста повеќе се исплати, прашува друштвото.

Додава дека кога зборуваат со претставници од Македонија земаат пари од македонската држава, а кога им се „гости“ Бугарите земаат „донации“ од Бугарите.

-И кога друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча толку жестоко застанаа зад бугарштината во Албанија и против Македонското друштво „Илинден“-Тирана во врска со Бугарите во Албанија, убаво е да се знае дека тоа друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча има свое раководство во кое има и секретар, со име и презиме Јани Никола. Според јавно достапните информации, објавени лично од Јани тој не само што е секретар на бугаро-албанското друштво, туку е и заменик градоначалник на единствената македонска општина во Албанија, општина Пустец, се наведува во реакцијата.

Друштвото му порачува дека со оглед на фактот што студирал со бугарски пари, секако, не се сомневаат во неговата бугарштина и тоа може јавно да си го декларира, а не да бара гласови од Македонците во општина Пустец како Македонец за да подоцна им го забие ножот в грб на Македонците и да одработува за Бугарите.

-Сметаме дека е добро за јавноста да кажеме дека во 2011 година во Албанија имаше попис на населението на кој немаше изјаснето ниту едно лице како Бугарин. А тоа, никому не му било оневозможено. Доколку родителите на г-динот Јани тогаш биле Бугари, можеле слободно да се изјаснат како такви, бидејќи Албанија не е Бугарија па да забранува слободно изјаснување на малцинствата. Кога станува збор за историските факти изнесени во реакцијата од страна на друштвото за бугаро-албанско пријателство од Корча, секој кој малку се разбира во историја ќе добие одлична прилика да се забавува со хумор сцениран во некоја бугарска канцеларија. Но, тоа се тие, стои понатаму во реакцијата.

Друштвото„Илинден“ потсетува дека со пописот во 2011 година во Албанија за Бугарин не се изјаснил ниту еден граѓанин во земјата а тоа било потврдено и со посебниот извештај на Народниот правобранител од 2014 годна каде стои дека според етничката припадност и култура живеат прпадници на македонското,грчкото, влашкото, српското, црногорското, ромското и египќанското национално малцинство.

-Значи, според пописот од 2011 година, како и во извештајот на Народниот правобранител од 2014 година, нема ниту збор за некакво бугарско малцинство во Албанија. Но, Бугарија од позиција на членка на Европската Унија, ја уценуваше албанската држава да измисли и да докажува дека Македонците во Албанија се Бугари. Заканувајќи се со бугарското „демократско и европско вето“ за Албанија за почнување на преговори за пристапување на албанската држава во Европската Унија, успеаја да издејствуваат непостоечко бугарско малциство во Албанија. Заканите врз албанската Влада вродија со плод, па така, на 12 октомври 2017 година Парламентарната правна комисија едногласно прифати во текстот на законот да биде вметнато и бугарско малцинство. Се разбира, единствената македонска партија во албанскиот парламент – партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), се изјасни против вклучувањето на бугарско малцинство во законот за националните малцинства во Албанија. На тоа, реагираа Македонците во Албанија, кои сметаа дека признавањето на непостоечко бугарско малцинство во областите Преспа, Голо Брдо и Гора е кршење на меѓународното право, бидејќи овие области се населени со Македонци, а не со Бугари,наведува друштвото „Илинден“.

Друштвото потсетува и на изјавата на тогашниот шеф на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, кој на барањето за признавање бугарско малцинство во Албанија одговори дека „и во Италија има илјадници албански државјани со италјански пасоши па тоа не значи дека таму има албанско малцинство“,но сето тоа се смени „по бугарската закана со вето за започнување преговори со ЕУ“.

-Останува нејасно, од кога тоа раководството и членството на друштвото за бугарско-албанско пријателство од Корча се осознаа за Бугари или тоа зависи и од „хуманитарната помош“ која Бугарија им ја обезбеди или ќе им ја обезбедува. Секако, таа хуманитарна помош новопечените Бугари ќе треба да ја одработат со уценување или ветување на нови и нови бугарски пасоши на Македонците за да избегаат од родните оглништа во потрага по пристоен живот. А секако ќе се сложиме дека работата на еден потпретседател на општина Пустец е создаде услови за работа и пристоен живот во општина Пустец, а не да ги одродува Македонците,стои на крајот од реакцијата на МД„Илнден“ потпшана од претседателот Никола Ѓурѓај.