Николоски: Под итно да се формира влада за национален спас

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски гостуваше во дневникот на телевизија Сител каде што посочи дека под итно треба да се формира влада за национален спас и да се извади Македонија од дното во кое ја втурна Зоран Заев со неговите штетни политики.

„Политиката на Зоран Заев доживува фијаско. Кога не размислувате долгорочно, кога водите политика од денес за утре, кога лажете во Македонија и лажете надвор но во исто време кога го доведувате македонскиот народ и граѓаните на Македонија пред еден невозможен избор, а тоа е или да се одроди македонскиот народ и да стане нешто што не е, или да не преговара со ЕУ и да не напредува ниту економски, ниту во делот на владеењето на правото тогаш стигаме до резултати кави што сега имаме“, појасни Николоски.

Николоски порача дека Зоран Заев ја донесе Македонија во невозможна ситуација, а тоа е Македонци да бираат помеѓу тоа да станат нешто што не се, да се одродат или втората варијанта е Македонија да не напредува.

„Затоа треба час поскоро да се формира влада за национален спас која ќе ја извади Македонија од ова дно“, потенцира Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски се осврна и на темата КОВИД-19. Николоски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ нудеше сет на мерки преку кои требаше да се подобри ситуацијата во однос на здравствената криза, но владата поради суета не ги прифати мерките, ниту пак сакаше да разговара за истите.

„Имаме проблем со тестирањата. Луѓето не можат да се тестираат. Едните поради тоа што никаде нема празен термин за тестирање или пак поради тоа што луѓето немаат пари и не можат да си дозволат тест, а истовремено седат дома со полна симптоматологија и се ризични и сами за себе, но и за околината“, истакна Николоски.

Николоски посочи дека во Република Македонија сиромашните за жал се речиси осудени на смрт. Жално е секојдневно да гледаме апели за луѓе од најразлични етникуми како молат за помош за да останат живи, а власта да остане нема на таквите барања. ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори до крај со сите можни легитимни алатки. Оваа власт ќе мора да понесе одговорност за сите лоши мерки, како и за огромните бројки на заболени и починати во земјата.

Николоски во текот на гостувањето се осврна и на соработката со опозициските албански партии.Тој посочи дека ова е почеток на една соработка на идеолошки и принципиелни основи и дека најважната точка која ги поврзува е организираниот криминал и корупцијата.

„Она што особено е значајно, е дека ова е еден почеток на една соработка на идеолошки и принципиелни основи. Ние сме конзервативни центар-десни партии и најбитниот елемент тука е што првата соработка или првото јавно претставување на оваа соработка го прави фондацијата „Конард Аденауер“ која што е најголемата германска фонадација на владеачката партија ЦДУ на Меркел, што дава дополонителна тежина на целата оваа работа. Она што не врзува во моментот, првата врзивна точка која што ја имаме помеѓу нас, Алијансата за Албанците и Алтернатива е борбата со организираниот криминал и корупција, затоа што Македонија скапува од корупција. Корупција има и во Гевгелија, поприлично има и во Струмица во моменотв, има и во Гостивар, има и во Тетово, има и во Скопје, корупција има и кај Македонци, и кај Албанци, и кај Турци, и кај Срби и кај останатите. И тоа што е врзивно ткиво помеѓу нас како политички субјекти, е желбата да се избориме против организираниот криминал и корупција и околу тоа разговараме во овој момент. Јас се надевам дека ова ќе прерасне во една плодна соработка. Точно е дека ова е прв пат во опозиција на овој начин да соработуваат политички партии и сметам дека правиме едно пионерско дело кое што ќе го препознаат и Македонците, Албанците, Турците, Ромите, и Србите и сите кои што живеат во Македонија“, рече Николоски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *