Македонско друштво „Илинден” со седиште во Тирана и огранокот за Голо Брдо по повод одбележувањето на Меѓународен ден на мајчиниот јазик 21 февруари, упати честитка до припадниците на македонскато малцинство во Република Албанија, како и до сите Македонци ширум светот.
– Честитајќи ви го денешниот празник, сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. Знаењето и негувањето на мајчиниот македонски јазик за децата од македонско потекло во Албанија значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, со што нашите деца ќе бидат воспитани соодветно да ги негуваат своите културни и верски традиции, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај и претседателот на огранокот за Голо Брдо, Или Халилај.
Се потсетува дека приоритет на друштвото е и понатаму максимално да се залага за остварување на легитимното право на Македонците во Албанија,каде и да живеат, да се школуваат на нивниот мајчин македонски јазик.