Ќучук: Прво одлука за преговори, а потоа ќе се движиме напред, ако кажеме „не“ ги затвораме вратите

Очекувам дека до крајот на годинава ќе има прва меѓувладина конференција. Очекувам исто така билатералните прашања да се решат во билатерален формат. Ако не започнат преговорите, особено со вакво силно германско претседателство, сите ќе бидат губитници.

Ова го вели во интервју за „Независен.мк“, бугарскиот европратеник и известувач за С Македонија во Европскиот парламент Илхам Ќучук и покрај бугарскиот објаснувачки меморандум испратен до земјите членки на ЕУ во кој се доведуваат во прашање македонскиот јазик и идентитет,

-Голем проблем е пред сѐ за граѓаните на Република Северна Македонија, бидејќи инерцијата што се собра треба да биде материјализирана во евроинтеграција. Проблем е и за ЕУ, за нејзината кредибилност, зашто ако сака да игра клучна улога на меѓународен план неизбежно Западниот Балкан треба да биде дел од самата Унија. Проблем е и за Бугарија, бидејќи според моето сфаќање стратегиски интерес на Бугарија е да граничи со држави кои се демократски и се дел од ЕУ. Сите што се вклучени во процесот ќе бидат губитници, нема да има добитници. Ако не започнат преговорите, особено со вакво силно германско претседателство, сите ќе бидат губитници, подвлекува авропаретинот Ќучук запрашан за кометар за изјавата на европаретникот Андреј Ковачев за можното одложување на почетокот на пристапните преговори за шест месеци.

Запрашан за тоа како евентуалното бугарско вето би се одразило на односите меѓу двата соседа, тој смета дека Софија нема јасна позиција дека ќе ја блокира С. Македонија,

-Јас не сум слушнал категорично „не“, дека ќе има блокада од Бугарија. Од бугарска страна официјална позиција нема. Има изразено мислење кое, колку што сфаќам, се дискутира од двете страни и има многу интензивен дијалог меѓу министрите за надворешни работи на двете земји. Но, со сигурност ќе има негативно влијание, бидејќи идејата на ЕУ не подразбира приклучување на две држави во неа и така да ги решат историските спорови, туку приклучување на два народа во еден сојуз кој споделува заеднички вредности, демократија, спроведување на законите, слобода. Спротивното е бесмислено, тоа е само аритметичко размножување, вели Ќучук.

Според него, не може да се очекува Брисел да се занимава само со Северна Македонија и Бугарија, нагласувајќи го категоричниот став на  Европската комисија дека билатералните спорови треба да бидат решени на билатерален начин и тие нема да бидат дел од општиот преговарачки процес.

-Мој став е дека Бугарија и Северна Македонија се две многу блиски држави, кои споделуваат заедничко минато и треба да споделуваат заедничка иднина во ЕУ. И не можеме да очекуваме трета страна арбитер да ги разрешува споровите меѓу нас. Треба да се решат низ дијалог и разбирање, вели бугарскиот европратеник.

Генералниот став на бугарските европарламентарци, вели Ќучук, е дека Република Северна Македонија треба да биде членка на ЕУ, и секоја политичка партија има свое разбирање и однесување кон прашањето.

-Мојата цел е да биде подготвен добар извештај и да оди земјата напред. А, тоа не е нешто што се решава од денес за утре. Некои нешта се решаваат, на пример, за пет шест години, има време. Прво да се донесе одлука, а потоа ќе се движиме напред. А, ако сега кажеме да или „не“, ги затвораме вратите. Треба да има процес, да има развој, вели европратеникот Илхан Ќучук.