Германија повторно потенцира дека цел на германското претседателство со ЕУ е одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годинава и оти тоа е во интерес на сите вклучени страни. Бугарија пак, нема да ги промени позициите од Меморандумот донесен во нивниот Парламент и смета оти Преговарачката рамка, во формата во која е сега, не е прифатлива за Софија. За македонската страна, Договорот за добрососедство со Бугарија е рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земји, оти тој документ е наша најголема заштита од неразумни натамошни барања и притисоци.
Германската амбасадорка Анке Холштајн вчера рече дека се оптимисти за одржување на првата меѓувладина конференција во рамки на германското претседателство.
– Одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија е наша цел како германско претседателство во рамки на процесот на проширувањето и ние цврсто се придржуваме кон таа цел. Ќе направиме се што можеме за да овозможиме тоа да се случи. Во близок контакт сме со сите инволвирани. Се уште постои малку време. Во интерес е на сите вклучени тоа да се случи. И ние сме оптимисти, изјави Холштајн.
Во однос на забелешките изнесени од поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере дека ЕУ не прави доволно за да им помогне на Македонија и Бугарија да изнајдат решение, германската амбасадорка рече дека ЕУ не треба да се вмешува во, како што вели, разлики помеѓу земја членка и земја кандидат за членство. – Билтералните прашања треба да се решавааат на билетарална основа, порача германската амбасадорка Анке Холштајн.
Бугарија не може да ги промени своите позиции затоа што има декларација на Парламентот и одлука на Влада. Тоа што се говори внатре во ЕУ е проблем на Унијата и тоа е проблем на Брисел, а не наш проблем тука. Ова го изјави бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, одговарајќи на новинарско прашање дали Софија ќе ги промени позициите по однос на преговарачката рамка за Северна Македонија содржани во објаснувачкиот меморандум во кој се оспоруваат меѓу другото македонскиот јазик и нација, а која вчера беше на дневен ред на КОРЕПЕР – Комиетот на постојани претставници во Брисел.
Запрашан дали е извесно бугарско вето за првата меѓувладина конференција до крајот на годинава доколку историчарите на двете земји во Мешовитата комисија не успеат да постигнат договор по отворените прашања, бугарскиот амбасадор го избегна прашањето, посочувајќи дека вчерашната средба била фокусирана на Берлинскиот процес.
Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија ги има сите гаранции да се применува во добра волја и од двете страни. Нам целта не ни е да ја блокираме, туку напротив, во изминатите 30 години сме и помагале на Република Северна Македонија, изјави во интервју за БГНЕС шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.
– Договорот е од 2017 година и има гаранции да се спроведува во добра волја. За жал, нашата оценка е дека тоа не е така. И покрај многу шпекулации во медиумите, особено во Република Северна Македонија – ниту сме барале промена на Уставот, ниту имаме нови барања, ниту пак сме го оспорувале правото на самоопределување на секој граѓанин, вклучително и на граѓаните на Република Северна Македонија, ниту правото да го нарекуваат јазикот како што сакаат, вели Захариева, додавајќи дека „како што ние ја признаваме реалноста, така и тие треба да го признаат минатото и оти тука нема ништо сложено“.
Захариева вели дека онлајн тимовите на министерствата за надворешни работи помеѓу двете земји се во постојана комуникација за решавање на преостанатите прашања. – Во секојдневни преговори сме. Денес онлајн тимовите на нашите министерства за надворешни работи се обидуваат да ги решат спорните прашања, така што гледаме повеќе напред. Но, малку време останува. Преговорите се интензивни, рече Захариева.
Таа потсети дека на седницата на 10 ноември на Советот за заеднички работи треба да се одобри Преговарачката рамка, но тоа, според неа, не е конечен датум.
Во врска со рамката, Захариева оцени дека Бугарија не е во состојба да ја одобри рамката во нејзината сегашна форма, во која е претставена. – Засега Бугарија не е во состојба да ја одобри рамката во оваа форма. Имаме време, но тоа е многу малку, рече шефицата на бугарската дипломатија.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, пак, вчера го повтори ставот дека Договорот за добрососедство со Бугарија е рамката за решавање на сите недоразбирања меѓу двете земји, прашањата треба да се отвораат, а не да се стават под тепих, при тоа треба да се има сензитивност за двете страни.
Османи имаше работен појадок со бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов и германската амбасадорка Анке Холштајн, чија земја е актуелен претседавач со Европската Унија, како дел од активностите во рамките на Заедничкото ко-претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес.
– Имаме рамка, која што е потпишана во 2017 година и таа ги дефинира инструментите како да ги надминеме сите разлики коишто постојат. Мислам дека не треба да има резерви во однос на тоа да се разговара со пријатели и со соседи за сите прашања коишто сметаме дека ги засегаат двете држави и двете општества, рече Османи, додавајќи дека Договорот не прејудицира дека ќе се најде заедничко решение за секое прашање, но сепак пристапот е да се разговара за сите дилеми.
Тој вели дека со Бугарија се разговара на дневна основа во однос на сите несогласувања и напомена дека не сака да навлегува во детали за тие контакти, бидејќи треба да им се остави простор на работните групи да продолжат со разговорите.
Шефот на дипломатијата нагласи дека Договорот не претставува едностран акт, чија функција завршува со моментот на потпишувањето, туку рамка во која треба да се решаваат разликите.
– Тоа значи дека доколку во текот на имплементацијата имаме различни очекувања или различни погледи во однос на динамиката на имплементација, мислам дека треба да седнеме и во таа рамка да разговараме. Тоа е улогата на Договорот, рече Османи, нагласувајќи оти Договорот не значи решение само по себе, туку можност за водење искрени разговори со соседите.
Портпаролот на Владата Душко Арсовски вчера на прес-конференциј повтори дека треба да се расчистат сите дилеми – нема нов договор, нема нов анекс на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на македонскиот јазик, Арсовски појасни дека тој е точно заведен токму во овој Договор и додаде оти таму не постојат дилеми. – Во однос на историјата, тоа е работа на Комисијата за историски прашања која според она што го гледаме деновиве ја интензивира работата, рече владиниот портарол.
Министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека Договорот со Бугарија е наша најголема заштита од неразумни натамошни барања и притисоци.
– Ако досега го немавме потпишано тој договор бидете убедени дека веднаш ќе беше прифатено Поглавјето 35 како дел од преговорите и дел од преговарачката рамка. Во моментот ние имаме договор билатерален склучен со Бугарија којшто има соодветни инструменти за следење на неговата имплементација. Значи, ние имаме Годишен извештај, секоја година треба консензуално да се усвои годишен извештај и врз основа на тоа да се доставува тој извештај на ЕК, на државите членки да го следат напредокот. Немаме потреба, затоа се аргументите на наша страна, затоа Бугарија го користи аргументот на силата во овој момент, рече министерот Маричиќ.
Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, пак смета дека Договорот со Бугарија не ни помогнал да си го утврдиме идентитетот, а и Преспанскиот договор со Грција не ги затворил прашањата како што тврдеше власта.
Воедно, тој истакна дека „Собранието на Република Македонија треба да изгради национална позиција околу ова прашање“. – Треба да се најде некаква платформа и мислам дека треба сите заедно да седнат, не една партија, две партии, три, туку сите заедно. Таму се четири големи партии, плус ете и Левица, да седнат и да напишат не преобемен документ, не преоптоварен документ со политичка идеологија, туку треба национални позиции Македонија да изгради за ова прашање, истакна Димовски.
Министерот Маричиќ, пак, посочи дека таа платформа не мора да биде во форма на собраниска декларација, може да дојде и тоа, како што рече, ако бидат договорени страните, а се согласува дека е неопходна заедничка стратегија.