Француското искуство во координацијата на европските прашања може да помогне за зајакнување на нашите капацитети. Со помош на француските пријатели и со силна посветеност на процесот, СЕП треба да стане ефикасна и почитувана администрација во полза на македонските граѓани, истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на средба со Каролин Вино, заменик на генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција.
На средбата на Димитров со Вино, во рамки на неговата дводневна посета на Париз, се разговараше за добрите француски практики и нивната примена при зајакнувањето на административните капацитети на Секретаријатот за европски прашања, како главен двигател на интеграциите во Северна Македонија,
-Ова е прва посета на Париз по формирањето на новата Влада и се реализираше во исклучително важен момент за Северна Македонија, во пресрет на дефинирањето на Преговарачката рамка која што треба да ги инкорпорира елементите што произлегуваат од новата Методологија за пристапни преговори, иницирана токму од Франција, потенцира СЕП во соопштението за средбата.
За време на работната посета на Француската Република Димитров имаше средби со: државниот секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи, Клеман Бон; претседателот на Комисијата за европски прашања во Сенатот на Франција, Жан-Франсуа Рапен; Изабел Думон, дипломатски советник за континентална Европа и Турција во Kабинетот на претседателот Макрон, Каролин Вино, заменик на генералниот секетар за европски прашања при Владата на Франција и со Лилиана Танги, пратеничка во Националното собрание.
Во фокусот на разговорите, укажуваат од СЕП, беше француската поддршка во оваа клучна фаза од нашите евроинтеграции – одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава; динамиката на усвојувањето на Преговарачката рамка, а се разговараше и за напредокот на Северна Македонија нотиран во Извештајот на Европската комисија, како и за клучните приоритети од ЕУ агендата на кои што Владата ќе биде фокусирана во следниот период.