Николовски: На Македонија и е потребен гарантен фонд за предфинансирање на земјоделците

На Македонија и е неопходен осилен финансиски инструмент, соодветен гарантен фонд за предфинансирање на земјоделците. Во оваа насока, како опција, се земаат предвид и средствата од Јапонскиот компензациски фонд што со години беше блокиран, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Николовски по средбата со директорот на Платежната Агенција Николче Бабовски, изјави дека интензивно се разговара и со комерцијалните банки.

– Веќе е остварена соработка во однос на Јапонскиот компензациски фонд. На посебна сметка на Министерството има над пет милиони евра кои беа замрзнати, а кои идната година ќе влезат во земјоделскиот буџет, истакна Николовски, одговорајќи на новинарски прашања.

Министерот воедно информира дека се реализирани околу 92 милиона евра субвенции. Остануваат уште 250 до 260 милиони денари од 2016 година, што се дел од вкупно стоте милиони евра пренесени обврски од претходните години.

Нагласувајќи ја неопходноста од доекипирање на Платежната агенција, Николовски подвлече дека заинтересираноста за ИПАРД е се поголема.

На денешната средба во Платежната агенција, Николовски и Бабовски оцениле дека покрај проблемите со одливот на кадри и потребата од кадровско екипирање, застој има и кај проектите за кои конкурираат општините.