Захариева: Не ни е целта да ја блокираме, напротив 30 години сме и помагале на Северна Македонија

Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија ги има сите гаранции да се применува во добра волја и од двете страни. Нам целта не ни е да ја блокираме, туку напротив, во изминатите 30 години сме и помагале на Република Северна Македонија, изјави во интервју за БГНЕС шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.

-Договорот е од 2017 година и има гаранции да се спроведува во добра волја. За жал, нашата оценка е дека тоа не е така. И покрај многу шпекулации во медиумите, особено во Република Северна Македонија – ниту сме барале промена на Уставот, ниту имаме нови барања, ниту пак сме го оспорувале правото на самоопределување на секој граѓанин, вклучително и на граѓаните на Република Северна Македонија, ниту правото да го нарекуваат јазикот како што сакаат, вели Захариева, додавајќи дека „како што ние ја признаваме реалноста, така и тие треба да го признаат минатото и оти тука нема ништо сложено“.

Потсети дека Бугарија, за време на нејзиното претседавање со ЕУ, ја ставила повторно на дневен ред темата за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, исто како што е тоа цел и на актуелното германско претседателство со Советот на ЕУ.

Захариева вели дека онлајн тимовите на министерствата за надворешни работи помеѓу двете земји се во постојана комуникација за решавање на преостанатите прашања. – Во секојдневни преговори сме. Денес онлајн тимовите на нашите министерства за надворешни работи се обидуваат да ги решат спорните прашања, така што гледаме повеќе напред. Но, малку време останува. Преговорите се интензивни, рече Захариева.

Потсети дека на седницата на 10 ноември на Советот за заеднички работи треба да се одобри Преговарачката рамка, но тоа, според неа, не е конечен датум.

Во врска со рамката, Захариева оцени дека Бугарија не е во состојба да ја одобри рамката во нејзината сегашна форма, во која е претставена. -Засега Бугарија не е во состојба да ја одобри рамката во оваа форма. Имаме време, но тоа е многу малку, рече шефицата на бугарската дипломатија.