Француската поддршка во контекст на успешното заокружување на нашата европска приказна годинава, беше централна тема на денешната средба на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров со државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за Европа и надворешни работи, Клеман Бон во Париз.
– Принципиелната француска поддршка изразена и преку обновениот пристап за преговори, е уште еден значаен елемент во клучниот период за усвојување на документот кој ќе го овозможи почетокот на преговорачкиот процес оваа година. Елемент кој ни дава за право да веруваме во успехот што ѝ треба и на Европа, истакна Димитров, кој со средбата со Бон ја започна дводневната посета на Франција, прва по формирањето на новата Влада.
Потенцирајќи ја улогата на Франција како еден од стожерите на Унијата, Димитров нагласи дека колку поскоро земјите членки ќе постигнат консензус за Преговарачката рамка, толку побрзо ќе може да ја отпочнеме последната фаза од пристапните преговори и од успешната трансформација на нашето општество.
– На овој начин ќе се испрати позитивен сигнал и на регионот дека европеизацијата е единствениот пат за темелно зајакнување на демократските процеси и овозможување на економски раст и развој, а со тоа и подобрување на животниот стандард за граѓаните, порача вицепремиерот Димитров од Париз.
Димитров и Бон заеднички констатираа дека со усвојувањето на рамката и одржувањето на првата Меѓувладина конференција ќе се валоризираат сите напори и успеси што ги постигнавме изминатиов период и од аспект на реформите, но и во однос на затворањето на билатералните прашања со соседите – достигнување на Северна Македонија, но успех и на Европската Унија и нејзините земји членки.
Од француска страна беше реафирмирана подготвеноста за помош во реализирањето на она што ќе претставува заеднички успех и дека преговорите ќе ја следат новата методологија која што ќе придонесе за зајакната политичка димензија и предвидливост на процесот.
– Имавме одлична средба со францускиот министер за Европа, Клеман Бон. Не е лесно да се добие француската поддршка и мислам дека Северна Македонија ја заслужи. На некој начин имаме заеднички интерес врз основа на новата методологија, која што треба да се отсликува и низ Преговарачката рамка, што сега се преговара на масата во Брисел меѓу земјите членки и да почнеме конечно со пристапниот процес, работејќи дома да нудиме аргументи за да ја имаме секогаш поддршката на Париз. Мислам дека во визијата на Франција за иднината на Европа имаме наше место, изјави Димитров.
Бон од своја страна истакна дека новата методологија е обемна и бара многу повеќе, но процесот станува потранспарентен и подобро ќе се компензираат напорите за спроведените реформи, а изрази и уверување дека ќе биде постигнат напредок во евроинтегративниот процес уште во декември.
– Среќен сум што денес во Париз го пречекувам Никола Димитров, Потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија со кој оддамна негуваме работни односи за да ги унапредиме состојбите и нашите европски разговори. Дефиниравме нова методологија за преговорите за членство, која е обемна и бара многу повеќе, но во која процесот е потранспарентен и со која подобро ќе се компензираат напорите за спроведените реформи. Знам дека Никола Димитров е многу посветен на спроведувањето и на забрзувањето на овие реформи, кои се неопходни на европскиот пат. Мислам дека ќе можеме да постигнеме напредок во овој процес, уште во месец декември, и се радувам што заеднички и често ќе соработуваме бидејќи тоа е од заемен интерес за зајакнување на Европа, за зајакнување на регионот и за стабилизирање на нашата заедничка безбедност во наредните години. Станува збор за долгорочен проект кој заедно ќе го градиме и јас сум среќен што ќе продолжиме заеднички да работиме, порача Бон.
За време на посетата на Париз, Димитров ќе се сретне и со претседателот на Комисијата за европски прашања во Сенатот на Франција Жан-Франсуа Рапен, со Изабел Думон, дипломатски советник за Континентална Европа и Турција во Kабинетот на претседателот Макрон, со Каролин Вино, заменик на генералниот секетар за европски прашања при Владата на Франција и со Лилиана Танги, пратеничка во Националното собрание.
Во фокусот на разговорите, според СЕП, ќе бидат француската поддршка во оваа клучна фаза од нашите евроинтеграции – одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава; динамиката на усвојувањето на Преговарачката рамка, а ќе се разговара и за напредокот на Северна Македонија нотиран во Извештајот на Европската комисија, како и за клучните приоритети од ЕУ – агендата на кои што Владата ќе биде фокусирана во следниот период.