Македонско-бугарски односи: С.Македонија нема територијални претензии, ниту пак има потреба од нов Договор

Македонско-бугарските односи и изминатиов продолжен викенд беа актуелна тема меѓу политичките чинители во државава. Од тоа дека Северна Македонија нема територијални претензии, дека борбата на македонските револуционери никогаш не била мотивирана ниту за територии, дека нема потреба од нов договор со Бугарија, но и со барање став од Владата за Гоце Делчев и за македонскиот јазик.

Премиерот Зоран Заев за Денот на македонската револуционерна борба порача дека борбата на македонските револуционери никогаш не била мотивирана ниту за територии, ниту пак за доминација на едни врз други и дека никогаш не била свртена кон минатото, туку кон иднината.

Тој вчера по завршувањето на 25. Конгрес на партијата рече дека нема потреба од нов договор бидејќи постоечкиот е одличен и појасни дека за решавање на проблемот со Бугарија постојат соодветни алатки и начини како што се јавна изјава, декларација, анекс на договор и слично.

– Нема потреба од нов договор. И ние се согласуваме, и Бугарија се согласува. Имаме одличен договор којшто треба да продолжиме да го реализираме. Едниот дел е тоа што Комисијата го работи. Веќе има решено историски ликови и историски периоди. Другиот дел е тој што треба да го зацврстиме во делот на пријателството, добрососедството и соработката со Бугарија и немаме проблем со усна изјава, писмена декларација и слично како што тоа го прифаќа и меѓународната дипломатија, а тоа е дека Република Северна Македонија, долгото име на државата, и Северна Македонија, краткото уставно име на државата, се однесува на територијата на нашата земја Република Северна Македонија и никако поинаку и дека немаме територијални претензии кон никој од соседите и кон било кој во светот, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по Конгресот.

Нагласи дека немешањето во внатрешните работи на соседните држави, вклучително и на Бугарија, е принцип во кој верува и оти како држава сме подготвени да преземеме обврска за интензивирање на изградба на Коридорот 8 и за зајакнување на економската соработка.

Мешовитите комисии од двете страни, кои треба да ги разгледаат разликите по однос на поимањата што произлегуваат од самиот договор, според претседателот на Собранието Талат Џафери, имаат обврска која произлегла од ратификацијата ма Договорот за добрососедство од страна на Парламентот.

-Јас се надевам дека ќе рефлектираат и двете комисии, веројатно сега и водени од состојбите. Обострано политички можеби ситуацијата е подгреана повеќе отколку што е потребно, но во секој случај тоа е во надлежност на извршната власт, значи соодветно да си ја одржува комуникацијата и да доаѓа до соодветното решение, во смисла да се надминат сите тие разлики по однос на можното попречување, вели Џафери во интервју за Радио Слободна Европа.

Вчера, опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара премиерот Заев да излезе и да го каже неговиот став за Гоце Делчев и за македонскиот јазик.

-Зоран Заев мора да излезе и да каже дали се вистините наводите на историчарите кои што тврдат дека Македонија треба да прифати и вина за депортацијата на македонските евреи кои што беа однесени во логорот Треблинка, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Тој го повтори партискиот став дека доколку се прифати нешто кое што би значело распродажба на Гоце Делчев и на македонскиот јазик, таа одлука веднаш ќе биде поништена со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт и дека нема никогаш да го почитувааат таквиот договор.

Северна Македонија кон крајот на декември треба да ја оджи првата Меѓувладина конференција со Европската Унија, но не се исклучува можност за нејзино блокирање од страна на Бугарија која во појаснувачкиот меморандун до земјите-членки меѓу другото го оспорува македонскиот јазик и македонската нација.

Германската амбасадорка Анке Холштајн неодамна изјави дека јасна цел на Германија е да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годинава, а евентуалното незапочнување на преговорите за време на германското претседателство го означи како неуспех.