Честит 11 Октомври – Денот на народното, антифашистичко востание на македонскиот народ

Македонија денеска го слави 11 Октомври – Денот на народното антифашистичко востание на македонскиот народ.

Организираното востание на македонскиот народ против бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор за ослободување на земјата започнало на 11 Октомври 1941, кога Првиот прилепски партизански одред ја нападнал бугарската полициска станица Участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а на 12 октомври, се огласиле и партизаните од Кумановскиот одред.

Во нападот учествувале 16 партизани, распределени во три групи. Ослободителните дејствија продолжиле на 12 октомври во Куманово каде во областа Студена вода бил формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот одред.

Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.

За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.