Фајон: Нема причина преговарачката рамка да не се усвои до крајот на годинава

Европратеничката Тања Фајон ја охрабри македонската Влада да продолжи со реформските напори и ги поздрави обидите за воспоставување дијалог со соседна Бугарија, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Како што можевме да прочитаме во извештајот на Европската комисија за Северна Македонија јасно можеме да забележиме дека земјата е на прав пат што се однесува до напредокот во реформите во повеќето области, тоа е многу важно и позитивно, силно ја охрабрувам Владата во Северна Македонија да продолжи со работата и да остане проактивна во борбата против корупцијата и организираниот криминал, подобрувањето на транспарентноста во јавната администрација, судството, слободата на изразување и да го подобри слободното движење на работниците, изјави за МИА Тања Фајон.

Осврнувајќи се на спорот со Бугарија, европратеничката ја поздрави најавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи да ја посети оваа земја во обид да се надминат разликите во пресрет на усвојувањето на преговарачката рамка на ЕУ.

– Посетата на новоназначениот министер за надворешни работи, господинот Османи, на Бугарија ја гледам како многу позитивен чекор кој ја покажува подготвеноста на земјата да одржи добрососедски односи. Северна Македонија припаѓа во ЕУ, како што рекоа комесарот Вархеји и претседателката Фон дер Лајен, и нема причина да не се усвои преговарачката рамка до крајот на оваа година, изјави Фајон за МИА.