Политичката платформа Македонски концепт по предлог на група граѓански и политички активисти, започнува постапка за организирање на граѓанска опозициона платформа. За таа цел објавуваме јавен повик за самокандидирање на членови на Иницијативен одбор на оваа граѓанска платформа која ќе промовира заеднички иновативни политички проекти кои ќе понудат промена во македонската политичка сцена за граѓаните и државата, и платформа која ќе биде реална, вистинска опозиција на Владата која ќе се занимава со јасни ставови кон сите клучни прашања за државата.
Право на пријавување имаат сите граѓани, граѓански организации или политички партии, без разлика дали се формално дел од платформата Македонски концепт или дејствувале и дејствуваат самостојно на политичката сцена во земјата.
Вредности на кои ќе се базира граѓанската опозициона платформа:
– суверенитет – без компромис со македонската државност во корист на било која друга држава или нација;
– слободата – врвна вредност, не прифаќа контролирана демократија во која денес живееме;
– републиканското државно уредување на современата македонската држава;
– евроатлантска ориентираност – без компромис со полна интеграција во НАТО и ЕУ;
– персонален интегритет – достоинствен и чесен граѓанин, патриот кој ја сака својата земја;
– пазарна економија – претприемништво и приватна инцијатива, мали и средни бизниси основа на економскиот развој, а не криминалот;
– генерациска грижа – поддршката на иновативните бизнис идеи на младата генерација, како причина за дејствување во политиката и грижа за генерацијата која не создала;
– јавни услуги – најсовремени образование, здравство и државна служба;
– професионално знаење – во служба на напредок на државата, преку активно вклучување во овој политички проект и кандидирање за јавна позиција, само со јасна мисија во интерес на граѓаните; и сл.
Граѓанската опозициона платформа ќе биде различна од се она што го гледаме 30 години наназад, формирана од народот да го застапува народот, со цел промена на актуелната власт во земјата, пред се граѓанска понуда која ќе понуди избор во услови на нефункционална, киднапирана, актуелна опозиција. Крајна цел е изградба на слободна Република со ФЕР општество, во кои вирее вистинска, а не контролирана демократија, со подеднаква шанса за секого без разлика на социјален, етнички, религиозен или друг идентитет со кој се идентификуваме себе си. Граѓанска држава на сите граѓани!
Согласно проектот, граѓанската опозициона платформа ќе биде уникатно организирана со ограничен број на членови, кои ќе имаат точно предвидена улога во управувањето на државата, без наметнување на масовно членство и клиентелизам.
Сите пријавени поединци или субјекти треба да бидат подготвени за тимска работа и реализација на задачи, без празно филозофирање, да не си ја продаваат душата на политичките партии за ситни ветувања и привилегии, градат доверба и пријателство, а не раздор и озборувања врз база на суета, желба за власт, завери и конспирации, способни за изградба на систем кој функционира, и ги споделуваат вредностите и идеалите на македонската Кауза.
Кандидатите за членови на Иницијативниот одбор на граѓанска опозициона платформа треба да се кандидираат најдоцна до 20.10.2020 година преку електронска пошта, на следната е-маил адреса: makedonskikoncept@gmail.com, со назнака „За член на Иницијативен одбор“.