ЕК: Генерално погодна клима за слободата на медиумите, потребно унапредување на правата на медиумските работници

Генерално погодна е климата за слобода на медиумите во Северна Македонија. Целокупната состојба и клима овозможуваат критичко известување од страна на медиумите, иако имаше некои зголемени тензии за време на кризата со Ковид-19 и во контекст на изборите, се наведува во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјата, кој беше објавен вчера.

Одредено ниво на подготовка или умерено подготвена е Република Северна Македонија во областа на слободата на изразувањето, според Извештајот на ЕК, во делот во кој се прави пресек на состојбата со медиумите и слободата на изразувањето.

ЕК во извештајот се осврнува и на работничките права на медиумските работници во земјава, на чие унапредување треба сериозно да се работи, а како позитивен пример се посочува Колективниот договор, кој државната агенција МИА го потпиша со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Во Извештајот се наведува дека е потребно сериозно подобрување на работничките и социјалните права на новинарите и медумските работници, особено на локално ниво.

– Одредени отпуштања и оставки на уредници се случиле како последица на несогласување со сопствениците на медиумите. А поради лошите услови за работа, новинарите и медиумските работници се ранливи кога станува збор за самоцензурата, се нотира во Извештајот.

ЕК наведува дека од јануари 2019 година се пријавени десет случаи на заплашување на новинари во Министерството за внатрешни работи, што преставува зголемување во однос на минатата година. На почетокот на 2020 година Здружението на новинари регистрирало четири случаи на закани и навреди кон новинарки. Органите за спроведување на редот и јавното обвинителство ефикасно ги следеле овие случаи, се наведува во Извештајот, но се додава дека се потребни натамошни подобрувања, особено во однос на случаите на заканите врз новинари во кои се инволвирани политичари.

Комисијата нагласува дека политичарите и властите во земјава треба да го подигнат нивото на толернација кон критиката и промовирање на слободата на изразувањето, и забележува дека се уште без завршница се стари случаи (13) на сериозни физички напади врз новинари.

Говорот на омраза, се нотира во Извештајот на ЕК, е присутен во онлајн медиумскиот простор. Се наведува дека АВМУ ги интенвизирала напорите во соработка со невладиниот сектор и медиумите за унапредување на медиумската писменост.

– АВМУ отвори истрага за скриената сопственост на медиумите и објави неколку извештаи за почитувањето на човековите права и родовата еднаквост во медиумите, стои во Извештајот и се додава дека потребно дополнително да се обезбеди финансиска стабилност и независност на работата на АВМУ.

Како приоритети во престојниот период се наведуваат реформите во јавниот радиодифузен сервис, обезбедување на негова финансиска одржливост и независност и финализирање на именувањата во Програмскиот совет, но и во Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги.

– Потребни се одржливи решенија за да се обезбеди независност на јавниот радиодифузен сервис, професионални стандарди и финансиска одржливост. Од суштинско значење е да се продолжи со поддршка на плурализмот во медиумите, промовирање на професионализам, непристрасно известување и истражувачко новинарство и градење отпорност за ефикасна борба против дезинформации. Финансиската одржливост на независните медиуми и условите за работа на новинарите остануваат предизвик, стои во документот.

Во Извештајот се наведува дека назначувањата на новите членови на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и на Советот во АВМУ беа одложени во Парламентот, со што се попречуваат очекуваните позитивни ефекти од реформата и зголемување на нивната независност.

Како прашање останува финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер, а како подеднакво важно се посочува и тоа дека е потребно да се најдат решенија за старите долгови на јавниот радиодифузен сервис кон државните институции.

– Потребни се дополнителни напори за подобрување на квалитетот на неговото известување и за модернизирање на неговите работни процедури и неговата техничка опрема. Од суштинско значење е да се обезбеди независност на јавниот радиодифузер, наведува ЕК.

Предизвиците остануваат во однос на имплементација на Законот за аудио и аудиовузуелни медиуми. Законските рамки во медиумската сфера се предмет на чести промени, нотира ЕК, поради што, како што додава се создава правна несигурност за медиумите.

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги последен пат беше изменет во февруари 2020 година, на барање на националните ТВ канали, со што операторите добија обврска за пререгистрација на програмските сервиси кои ги емитуваат. Откако протестираа со прекин на програмите во јуни, Владата го пролонгираше рокот за таа обврска до ноември годинава. Според операторите, Законот содржи неуставниобврски за нив затоа што се бара да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална обврска. ЕК нагласува дека за ова прашање треба допрва да се постигне одржливо решение.

Голем број медиуми во однос на публиката – е констатацијата на ЕК во Извештајот, во кој се додава дека АВМУ веќе објавила дека буџетите за рекламирање се намалуваат. Дисбалансот меѓу медиумите и достапните фондови предизвикува загриженост за финансиската одржливост и за медумските интегритет и независност, се додава во документот.

Имајќи ја предвид економската состојба важно е да се продолжи со поддршка на професионалното и истражувачкото новинарство, но потребна е и поголема транспарентност на сопствеништвото на медиумите.

Се нотира оти важно е да се обезбеди поголема транспарентност на рекламирањето во медиумите од страна на државните институции, политичките партии и јавните претпријатија.

ЕК наведува дека Владата покажува проактивна улога во борба против дезинформациите и алоцира дополнителна финансиска поддршка за печатените медиуми. Властите исто така обезбедуваат поддршка за медиумите во контекст на справување со кризата предизвиката од панедемијата на Ковид-19.

Акцент во документот се става на потребата од интензивирање на напорите за саморегулација за да се поддржи напредокот на професионалните стандарди и квалитетот на новинарството.

Како прашање е наведени е регулирањето на работата на порталите, особено во насока на борбата против лажните вести и дезинформациите.

– Предложено е воспоставување механизам за саморегулација. Во декември 2019 година, Здружението на новинари и Советот за етика во медиумите воспоставија регистар на онлајн медиуми (promedia.mk), кој е доброволен и поставува низа минимални професионални критериуми, кои еден портал треба да ги исполни за да може да се регистрира, се нагласува во Извештајот и се додава дека токму овој онлајн медиумски простор е главниот генератор на лажните вести и дезинформациите.

Се споменува дека во јули минатата година властите претставија Акционен план за борба против дезинформациите, што, како што се наведува беше пофалено од страна на медиумските здруженија, кои исто така предупредија и за можни ризици од цензура.