Белград, Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје, Тирана. Шест главни градови на Западен Балкан, во срцето на Европа, но патувањата и тргувањето меѓу нив и другите главни градови на Европа трае два пати подолго, како меѓу градови многу поодалечени еден од друг. Сепак, да се биде поврзан е клучно: за животите на луѓето, за бизнисите и за економиите од регионот, најмногу сега, кога треба да се поттикне опоравувањето по пандемијата со Ковид -19. Понатаму, треба побрзо да се затвори јазот во економскиот развој помеѓу регионот и ЕУ, кое, исто така, ќе го забрза процесот на интеграција на земјите во ЕУ.
Ова се главните причини зошто Европската комисија оваа недела на маса го стави сеопфатниот економски и инвестициски план за Западен Балкан. Овој план предвидува распределување до 9 милијарди евра за водечки инвестиции во транспортот, енергетиката, „зелена“ и дигитална транзиција, со цел креирање долгорочен раст и работни места. Дополнително, има за цел подигнување на инвестицискиот капацитет на регионот, благодарение на новиот гаранциски инструмент за Западен Балкан, со амбиција подигнување на инвестициите до 20 милијарди евра.
Ни треба подобро поврзување на Западен Балкан, без оглед дали тоа е по копнен пат или железница меѓу главните градови или со Европската Унија или е преку супер-брз широкопојасен интернет. Силно верувам дека ова ќе помогне да се создадат стабилни пазарни економии преку силно и директно стимулирање на трговијата и инвестициите. Исто така, нудиме соработка за создавање економија која ќе се основа на знаења, преку поддршка за МСП, новоотворените фирми и истражувачките и развојните индустрии. Овие економии, исто така, треба да работат за луѓето: мора да се реши јазот меѓу понудата на вештини и потребите на пазарот на трудот и одливот на мозоци мора да се претвори во циркулирање на мозоци, посебно кај младите луѓе.
Планот, исто така, предвидува „зелена“ агенда за Западен Балкан. Зелената и дигитална транзиција се приоритети на ЕУ за сопствено опоравување, а ние сакаме да му помогнеме на регионот, имајќи ги предвид околностите на терен, да се реши проблемот со загадувањето, а истовремено да се создадат одржливи деловни можности во сите стопански гранки. Фокусот ќе се стави на декарбонизација, чиста енергија, почиста околина и дигитална трансформација, вклучително примена на ултрабрз широкопојасен интернет.
Во првата фаза на етапното исфрлање на јагленот, од важност е транзициската улога на гасот, веднаш до обновливите извори на енергија. Исфрлањето на јагленот од употреба би можело во голема мера и брзо да ги намали сегашните ризици по јавното здравје. Сакаме гасот да го донесеме во Западен Балкан за да се создаде разновидност и да се намали зависноста, а врз таа основа да се изградат долгорочни климатско неутрални решенија како водород.
Меѓународните финансиски институции се подготвени да го поддржат овој амбициозен план. Оваа поддршка ќе биде од клучно значење за максимално зголемување на големиот потенцијал на регионот, за да се осигури најголема корист за граѓаните и економиите.
Преку економскиот и инвестициски план, Комисијата, исто така, има за цел јакнење на регионалната димензија на нашата соработка. Регионалната економска интеграција меѓу шесте партнери не е скршнување од европскиот пат, туку директна економска можност за создавање раст, надминување на економската криза предизвикана од КОВИД, модернизација на економиите согласно европските приоритети и нивно приближување кон внатрешниот пазар на ЕУ.
Економскиот и инвестициски план оди заедно со реформите. Реформите, особено во владеењето на правото, остануваат во срцето на процесот на проширување и се потребни како основа за овој план, бидејќи ја зголемуваат деловната доверба и создаваат подобра клима за инвестиции.
Заедно со планот, Комисијата, исто така, усвои Пакет за проширување за 2020 година, во кој се проценуваат тековните клучни реформи во Западен Балкан и се даваат препораки и насоки за наредните чекори за нашите партнери. Нивното динамичко спроведување не само што ќе генерира долготрајни резултати, туку, исто така, ќе го забрза напредокот на патот до ЕУ.
Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Уште од првиот ден на мандатот на овој состав на Комисијата, една работа е јасна: регионот е клучен приоритет за нас. Неуморно работиме на брзо приближување на регионот до ЕУ, имајќи предвид три цели: обнова на процесот на проширување, отворање на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија и забрзување на економското поврзување со ЕУ.
Во врска со првите две цели преземени се значајни чекори, преку ревизијата на методологијата за проширување и одлуката на земјите членки да почнат пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија, за што патот го отвори предлог ревидираната методологија. Ова покажа дека ЕУ стои зад своите партнери и ги исполнува своите ветувања.
Ние, исто така, бевме со регионот и од почетокот на пандемијата на Ковид-19, обезбедувајќи суштинска и неспоредлива поддршка, вклучително итна медицинска помош и финансиски пакет од 3.3 милијарди евра за решавање на директните последици од пандемијата.
Новиот план е третиот столб од мојот пристап. Не само што ќе го поддржува долгорочното социо-економско опоравување на регионот и поврзувањето со ЕУ, исто така, ќе ја зголеми соработката и трговијата внатре во регионот и ќе го ослободи неостварениот економски потенцијал на регионот. Она што е важно, ќе го консолидира регионот како инвестициски центар за европските компании и ќе го стави на картата на инвеститорите кои сакаат да го намалат растојанието до европските пазари и да овозможат разновидна понуда.
Оваа недела ќе одам во Западен Балкан за лично на нашите партнери да им го презентирам економско инвестицискиот план и годишните процени. Се надевам дека ќе добијам поддршка за спроведувањето на планот и јасна заложба за реформите и соработката. Ќе го направиме ова заедно, со цел веќе во наредните пет години да создадеме ново економско и социјално опкружување.
Оливер Вархеји, еврокомесар за соседска политика и проширување