Манастир „Света Богородица“ во Јанковец – познат верски објект во Преспа

Манастирот “Успение на Пресвета Богородица”, кој се наоѓа на западната страна од населбата претставува еден од позначајните верски објекти, не само за Јанковец, туку и за Преспа и Македонија. Тој бил изграден во 18-от век, во чиј комплекс постои манастирска црква, за која не е исклучена можноста некогаш да била парохиска црква

Во Јанковец постојат пет цркви и еден манастир. Црквата „Св. Атанас“ во чиј круг се селските гробишта, кои се едни од најуредените во Преспа и се наоѓа во селото на патот  од Битола кон Охрид. Други цркви се: црквите „Свети Јован Крстител“, главната селска црква, осветена 1866 година, „Света Никола“, „Свети Игнатие Богоносец“ и „Успение на Пресвета Богородица“ – главната манастирска црква на Јанковечкиот манастир, која е дел од духовното наследство на Препа, на Македонија и на македонскиот народ.

Манастирот “Успение на Пресвета Богородица”, кој се наоѓа на западната страна од селото претставува еден од позначајните верски објекти, не само за Јанковец, туку и за Преспа и Македонија. Тој бил изграден во 18-от век, во чиј комплекс постои манастирска црква, за која не е исклучена можноста некогаш да била парохиска црква.

Манастирот “Успение на Пресвета Богородица” е женски манастир, во кој монахињите во манастирот работат икони според православното предание, а не уметнички слики со религиозна тематика. Обично се вели дека иконата, според правосланата теологија е визуелно богословие.

Тоа што е со букви и мастило напишано во Светото писмо, овде е напишано со бои. Ако промените макар и најмали нешта во начинот на сликање на иконата, тоа е како да сте промениле збор од Светото писмо – што е недозволено. Исто така, монахињите сложуваат мозаици, ткаат покривки и везат ракотворби. Таму пред манастирот се наоѓа големо ореово дрво полн со ореви, а над манастирот е изградена црквата Свети Игнатие Богоносец, прва ваква црква кај нас.

Инаку, според бројни податоци, во црковниот двор на манастирот е погребан Охридско – преспанскиот владика Дионисиј (Елин по потекло), како и архиерејот Калиник кој починал во март 1841 година.

Панорама на манастирот „Света Богородица“

На 27-ми август, во вечерните часови и на 28-ми август во утринските часови во манастирот „Света Богородица“ во Јанковец се обележува еден од најголемите христијански празници Успение или Воскресение на Пресвета Богородица.

По повод православните празнувања, верници од Преспа и од цела Македонија масовно го посетуваат овој манастит и го прославуваат големиот христијански празник Успение или Воскресение на Пресвета Богородица. Се палат свеќи за здравје и за денот на заштитничката на домот и на семејството. Празникот Успение на Пресвета Богородица меѓу народот е познат како Голема Богородица.

Во текот на празнувањето на Успението на Богородица, која е и селска слава, во манастирот се собира голем број верници од Јанковец и Преспа и од многу други места ширум Македонија. Таа е убав пример на македонски верски објект.

Кога туристот патува од Битола кон Охрид и се искачи на превојот Ѓавато, пред него се отвора панорама на дел од котлината на Преспа и Преспанското Езеро. Од таму се гледа голем дел на Горна Преспа, особено Отешево, Царев Двот, Ресен, Јанковец и други места.

Тоа е просторот каде во минатото минувала античкиот пат „Виа Игнациа“, каде низ вековите врвеле трговци со долги каравани и каде понекогаш престојувале и различни војски,  намерници и патеписци. Затоа, и јас како патеписец кој патувал по светот имам желба скромно да пишувам за мојата Преспа, а овој пат да го претставам Јанковец, едно од значајните македонски населби не само во Преспа, туку и пошироко во Македонија.

Јанковец, или Јанкоец, како обичните граѓани го нарекуваат, е убава преспанска, македонска населба која се наоѓа на северната страна од Ресен, на патот Битола-Охрид. Тоа е споено или може да се рече дека е предградие или предградска населба на Ресен со сите нишани на градска населба.

Куќите се целосно обновени или, новоизградени, на приземје и кат и внатре современо опремени. Околу современите домови има убави уредени дворни места, во кои често има и магацини, гаражи, летни кујни, фурни и други објекти. Во многу дворови има овошни гради и простор за цвеќиња и други земјоделски култури.

Со своја училишна зграда селото се здобило уште во времето на турското владеење. Вo 1922 година била изградена нова (денес разурната), а околу 1960 година е подигнато денешното училиште.

Во селото има одреден број куќи кои заради архитектонските вредности се ставени под заштита на државаа и претставувуваат национално богатство. Со право се заклучува дека Јанковец се одликува со градски манири и менталитет на жителите, како и современ начин за живеење. Затоа, со право често народот вели дека Јанковец е ни село, ни град.

Во Јанковец како локалитет од археолошко значење се наведува месноста Св. Атанасија, средновековна некропола. Во непосредна близина на југоисточниот дел на селото, постојат видливи остатоци од гробови покриени со камени плочи. Тоа говори дека Јанковец е стара македонска населба.

Јанковец е стара христијанска населба во која живеат околу илјада и петстотини жители сместени во над петстотини убави куќи со македонска градска архитектура, а изградени во минатото и сегашноста. Тоа е населбана во која сложно живеат претежно Македонци, а има и понеколку власки, турски-мухамедански и други семејства.

Во врска со името на Јанковец се пренесува дека селото го добило името по некој селанец по име Јанко (македонски Влав), кој заедно со својата сопруга го паселе своето стадо овци на ридиштата околу Јанковец. Тогаш неговата сопруга го здогледала местото во подножјето на планината што и’ се бендисало и извакала „Јанко-вец“, што би значело „Јанко, види-гледај“.

Се смета дека од овие зборови селото го добило името Јанковец. Но, тоа е само легенда, а вистината е дека во Јанковец постојат многу Јанковци, кои ги рашириле своите корени во Преспа, цела Македонија и ширум светот и придонеле на општествено, културно и секое друго поле.

Панорама на Јанковец

Од секогаш Јанковец било значајно место, особено како општина во Преспа, а јанковчани биле вклучени во сите воени и повоени период во историјата на Македонија. Така, во Илинденското востание имало востаничка чета предводена од војводата Перо Јанковчанецот. Во Кресненското востание (1878-79) зел учество јанковчанецот Коста Христов. Потоа, во Народноослободителната војна учествувале голем број жители на Јанковец, а жртви на бугарскиот окупаторски терор биле Милан Думовски и Крсте Трајчевски.

Јанковчани својата егзистенција секогаш ја обезбедувале преку различни дејности, преку занаетчиството, поледелството, трговијата и други занаети.  Исто така, голем број јанковчани се и биле дел на државната администрација во Ресен и во Република Македонија. Во минатото од Јанковец оделе на печалба во многу земји, особено во прекуокеанските земји во Северна Америка.

Моето скромно искуство за иселеништвото од Јанковец е дека одреден број јанковчани се едни од најстарите активни доселеници во македонски иселнички движења, особено во Соединетите Американски Држави. Тие одиграле интересна и значајна улога во македонските иселенички процеси, во црковните и патриотско-политичките организации, во информативните гласила во Соединетите Американски Држави и во Канада.

Се разбира меѓу нив имало и патриоти и предавници, но за нив секогаш нивното село на дедовски корени – Јанковец останало ѕвезда водилка кон иднината на нивниот живот и кон посреќното утре за Македонија.

Јанковец е расадник на образовани луѓе, особено по Втората светска војна. Меѓу другите од Јанковец потекнуваат Александар Гештаковски, Димитар Бузлевски, проф. Никола Нечевски, естрадниот уметник од Охрид, Петар Нечовски, ликовниот уметник Благој Думовски, потоа Стеван Томовски, чиј корени по мајка му се од Јанковец, а со кого авторот на овие редови го потготвија   делото „Водич низ компјутерската терминологија“, како и  ресенскиот фотограф Пеце Нечевски и многу други. Исто така од Јанковец има голем број познати и признати иселеници во светот.

Во Јанковец како локалитет од археолошко значење се наведува месноста Св. Атанасије, средновековна некропола. Во непосредна близина на југоисточниот дел на селото, постојат видливи остатоци од гробови покриени со камени плочи. Тоа говори дека Јанковец е стара македонска населба.