„Госпоѓиците од Авињон“ – прва премиера на МНТ во 2018

Македонскиот народен театар вечер на малата сцена ќе ја изведе „Госпоѓиците од Авињон“ – прва премиера во 2018 година. Најавена е како  ода за создавањето на уметничко дело која не бара да биде разбрана, туку почувствувана.

Текстот е на Сашо Димоски, режисер е Ненад Витанов. Со праизведбата МНТ ќе чествува 110 години од создавањето на сликата на Пикасо „Госпоѓиците од Авињон“ (1907) со која се поставени постулатите на кубизмот.

Авторот Димоски на прес-конференција по повод премиерата рече дека ја деконструирал познатата слика „Госпоѓиците од Авињон“ на која се претставени пет куртизани од Барселона, а во драмата тоа се петте жени-музи што го инспирирале Пикасо: Дора Мар (Софиа Насевска-Трифуновска); Олга Коклова (Искра Ветерова); Франсоаз Жило (Гордана Ендровска); Мари-Терез Валтер (Ана Стојановска) и Ева Гуел (Звездана Ангеловска). Ликот на славниот шпански сликар ќе го игра Васил Зафирчев.

– Овие пет биографии на пет исклучителни жени кои едновремено биле музи и уметност сама за себе, беа дел од мојот истражувачки процес додека работев на подготовката на текстот…. Оваа претстава не бара да биде разбрана, туку почувствувана, рече Димоски и очекува дека таа ќе значи пробив на нов пристап во театарот што ќе го замени фабуларно-наративниот.

Сценографијата за „Госпоѓиците од Авињон“ е на Филип Витанов, костимограф е Тања Кокев, композитор на музиката Калиопи Букле.