Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваните амбасадори на Белгија и на Данска

Претседателот на државата, Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Белгија и на Кралството Данска.

На церемонијата на предавање на акредитиви од страна на Фредерик Мерис, новоименуван амбасадор на Кралството Белгија во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, претседателот Пендаровски истакна дека во изминатиот период двете земји изградија блиски пријателски односи и солидно ниво на меѓусебна соработка во повеќе области, а  Кралството Белгија е  голем пријател и искрен сојузник во процесот на нашите европски и евроатлантски процеси.

Нагласувајќи дека оваа година е значајна за нашата земја, бидејќи официјално станавме 30-та земја членка на НАТО, Пендаровски рече дека во наредниот период следи уште еден значаен процес за кој ја очекуваме и поддршката од Кралството Белгија, како една од земјите основачи на ЕУ, до крајот на оваа година да ја одржиме Меѓувладината конференција и формално да ги почнеме пристапните преговори за полноправно членство со Унијата.

-Билатералните односи се одлични и се изградени врз основа на споделени стратешки интереси, рече амбасадорот Мерис на церемонијата на предавање на акредитивните писма, додавајќи дека двете земји веруваат во Алијанса заснована врз заеднички вредности и заложби.

На церемонијата на предавање на акредитиви од страна на Сузан Шајн, новоименувана амбасадорка на Кралството Данска во Република Северна Македонија, со седиште во Белград, претседателот Пендаровски рече дека двете земји во континуитет градат пријателски, сојузнички и партнерски односи што резултираа со успешен развој на билатералните односи во повеќе сфери на општественото живеење.

Истакнувајќи го  значењето на поддршката од Кралството Данска за интегративните процеси во регионот, претседателот Пендаровски изрази уверување дека европската перспектива на земјава многу скоро ќе биде унапредена, прво со усвојување на преговарачката рамка, а потоа и со одржувањето на Првата меѓувладина конференција и формалното почнување на пристапните преговори.

Амбасадорката Шајн рече дека двете земји имаат солидни билатерални односи и соработка во повеќе области од заемен интерес изразувајќи надеж дека истите ќе се продлабочат и унапредат во периодот што следи.

Претседателот Пендаровски на новоименуваните амбасадори им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.