Реафирмирана германската поддршка за Меѓувладината конференција, оптимизам за решавање на отворените билатерални прашања

Силна порака и потврда дека официјален Берлин го поддржува почетокот на преговорите на Северна  Македонија со ЕУ до крајот на годината, дојде вчера од германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на видео средбата со неговиот македонски колега Бујар Османи.

Во однос на барањата од Бугарија која поставува дополнителни услови за нашата земја за старт на преговорите, Мас рече дека преговори се водат на билатерално ниво и на ниво на ЕУ и оти е оптимист дека овие прашања во скоро време ќе бидат затворени.

– Што се однесува до јазикот, до името тоа се многу детални преговори кои што се одвиваат. Тоа се прашања кои што билатерално мора да се решат меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тие се обидуваат да изнајдат решение и тоа го поддржуваме да биде што е можно побрзо за да може да се продолжи со пристапниот процес за Северна Македонија бидејќи таа веќе долго чека на тоа. Преспанскиот догововр е нешто историско што беше постигнато во Северна Македонија и затоа сум оптимист дека прашањата кои што се отворени во догледно време ќе можат да бидат решени. Меѓутоа за тоа потребни се понатамошни разговори кои ќе треба да се одржуваат како на ниво на ЕУ исто така и помеѓу Северна Македонија и Бугарија, рече Мас.

Османи, пак истакна дека заеднички констатирале оти завршетокот на 2020 година и претседателстваото на Германија со ЕУ нуди неповторлива и неодминлива шанса земјава да започне со исполнување на вториот важен државен стратешки приоритет – членството во ЕУ, покрај членството во НАТО кое што го остваривме оваа година.

– Одржувањето на првата Меѓувладина конференција, често користен технократски термин, има големо симболично значење за нашиот европски пат. Тоа ќе значи потврда на реформската определба и европскиот курс на земјата. Покрај политичката симболика, стартот на преговорите ќе значи почеток на најобемната и најкомплексната административно – техничка операција со која досега сме се соочиле. Тоа е сериозен предизвик за целото општество, а не само за Владата, во кое ќе мора да ги подигнеме своите перформанси и сите заедно како политичари, државни службеници, но и стопанственици, синдикати и претставници на граѓанското општество да ја сплотиме својата енергија и напори кон остварување на оваа цел, рече Османи.

Во фокусот на разговорот, биле и очекувањата од Софискиот самит на 10 ноември со кој заедни ќе престедаваат С Македонија и Бугарија, во рамки на Берлинскиот процес кој во 2013 година го започна канцеларката Ангела Меркел.

Во Германија, актуелен претседавач со Унијата која го води процесот на усогласување на Преговарачката рамка, клучниот документ согласно кој што ќе се водат преговорите, е и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров. Димитров вчера, имаше средба со Јан Хекер, главен советник за надворешна и безбедносна политика на канцеларката Ангела Меркел на која биле реафирмирани напорите на Германија за заокружување на Преговарачката рамка.

– Одржувањето на првата Меѓувладина конференција за време на германското претседателство ќе биде влог во кредибилитетот на Унијата во регионот и огромен поттик за Северна Македонија да ја изоди клучната етапа од патот кон членство во ЕУ, истакнал Димитров, кој е во посета на Берлин на покана на државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Михаел Рот.​
Вицепремиерот Димитров, во германската престолнина се сретна и со Хелге Токсдорф, копретседавач на Мешовитиот економско-управувачки комитет меѓу Северна Македонија и Германија со која разговарале за можностите за зголемување на соработката, а разменил мислења и со Валеска Еш, заменик извршен директор и програмски директор за Европа на Аспен Институтот.
И новиот шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје во интервју за МИА изрази надеж дека првата Меѓувладина конференција ќе се одржи што е можно поскоро.
– Сега е потребно земјите-членки да ја договорат финалната верзија на преговарачката рамка, којашто практично ја отвора вратата да се започне со преговарање, вели новиот евроамбасадор во Северна Македонија Дејвид Гир

На прашањето дали меморандумот на Бугарија, со кој се условува преговарачкиот процес на земјава, евентуално би го одложил одржувањето на првата меѓувладина конференција, Гир за МИА вели дека во моментот земјите-членки дебатираат за преговарачката рамка, тоа е внатрешен процес на Унијата и оти не може да ги коментира внатрешните дискусии на земјите-членки.