СДСМ: Се потврдија политичките игри и манипулации на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието

Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, манифестирано и преку нејзиниот пратеник Антонијо Милошоски, повторно покажа дека опозициската партија единствено промовира популизам додека ги блокира реформските процеси.

Покрај јавните изјави на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски дека од исклучително значење за Македонија е да почне постапката за комплетирање на составот на Државната изборна комисија, Милошоски вчера не дојде во собраниската пленарна сала за, како што налага процедурата, да го образложи предлогот како предлагач, за да може по него да се постапува.

ВМРО-ДПМНЕ лажно обвинуваше дека намерно се одлага дискусијата за комплетирање на составот на Државната изборна комисија. Тоа се потврди вчера кога оваа точка дојде на дневен ред и кога можеше за неа да се расправа, но ниту Милошоски, ниту некој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ не влезе во собраниската сала, поради што немаше услови за дискусија и понатамошно постапување.

ВМРО-ДПМНЕ треба да ја напушти политиката на блокади и деструкција. Наместо популизам, политички игри и манипулации, ВМРО-ДПМНЕ треба да даде придонес во процесите за имплементирање на реформите во државата коишто се во интерес на граѓаните и на Република Македонија.