На најавената меѓувладина седница меѓу двете земји, го ставаат акцентот, онлајн изданијата на грчките медиуми во текстот преземен од грчката новинска агенција АНА-МПА, за интервјуто на премиерот Зоран Заев за МИА по средбите во Грција за време на дводневната работна посета, јави дописничката на МИА од Атина.
АНА-МПА под наслов „Меѓувладина седница меѓу Грција и Северна Македонија, најави Заев“, пишува дека ќе биде потпишан договор за избегнување на двојното оданочување, објаснува дека тоа ќе биде втора седница по првата одржана во април 2019 во Скопје и ги пренесува ставовите на македонскиот премиер, како во однос на големите можности за соработка меѓу двете земји, така и за интересот за учество во проектот за снабдување со течен природен гас кај грчкиот град Александруполи.
„Заев: Меѓувладина седница на Северна Македонија и Грција“; „Меѓувладина седница на Северна Македонија и Грција, најави Заев“; „Заев: Мицотакис сака да дојде во Скопје – следните чекори“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми, во текстови главно преземени од АНА-МПА.
Онлајн изданието на весникот „Етнос“, акцентот го става на делот од интервјуто на Заев за МИА во кое вели дека Мицотакис изразил желба да го посети Скопје, а ја споменува и понудената подготвеност на Грција, да ја снабди Северна Македонија со вакцина за Ковид-19.
Посетата на Заев на Атина и средбите со Мицотакис и Сакеларопулу, предизвика интерес кај медиумите во Грција кои информираа за разговорите со грчкиот државен врв, а македонскиот премиер, додека престојуваше во Грција за конференцијата на „Економист“ , освен за МИА, даде интервјуа и за грчката телевизија „Мега“ и за весникот „Та неа“.