„Џаст Секјурити“: Планот на Северна Македонија за реинтеграција на повратниците од ИД – добар модел и за другите западни земји

Една од најмалите членки на Глобалната антитетористичка коалиција според бројот на жители, Северна Македонија изработи сеопфатна стратегија за реинтеграција на околу 40 нејзини државјани, повеќето жени и деца, кои изминативе години беа во редовите на терористичката организација Исламска држава (ИД), објави американскиот портал специјализиран за безбедносни прашања „Џаст секјурити“.

– Планот, кој е политички, финансисики и технички поддржан од меѓународната заедница, ги опфаќа и терористите кои наскоро треба да бидат ослободени од затвор. Оваа иницијатива на Северна Македонија може да стане модел и за другите западни земји, оценува порталот.

„Џаст Секјурити“ посочува дека 83 од вкупно 156-те македонски државјани кои престојувале на териториите во Ирак и Сирија што беа под контрола на ИД, веќе се вратиле дома и безбедносните служби внимателно ги следат, па заканата од нив не е голема или е под контрола, барем во догледен рок.

– Северна Македонија е меѓу првите земји што изработија национална рамка со мултидисциплинарен пристап за решавање на комплексот ризици и потреби што ги имаат повратниците. Планот е за пофалба од повеќе причини. Тој вклучува повеќе институции и чинители потребни за успех, имајќи ја предвид сложената динамика, како за повратниците, така и за општеството во кое повторно се вклопуваат. На пример, планот ги опишува улогите и одговорностите на различните национални институции, почнувајќи од разузнавачки агенции до здравствени власти кои можат да преземаат функции како што се утврдување дали има доволно докази за гонење на повратник, проценка на нивото на ризик што тој или таа го претставува, оценување на нивните здравствени потреби и слично. Од вака собраните информации потоа се утврдува какви механизми на гонење, советување, социјална поддршка или други услуги треба да бидат преземени, се наведува во анализата.

Според порталот, позитивни карактеристики на планот се и значајната улога на граѓанскиот сектор, кој најчесто има подобар пристап до поединците и заедниците што биле под влијание на насилниот екстремизам, како и грижата за психосоцијалните потреби на повратниците, пред се на децата, кај кои е можен задоцнет развој, посттрауматско стресно нарушување, анксиозност и депресија.

– Покрај горенаведеното, планот има и други ветувачки карактеристики. Тие вклучуваат изработка на програми прилагодени за решавање на специфичните потреби на жените и децата и потребата за тековно следење и проценка на планот, додава „Џаст секјирити“.

Според порталот, реинтеграцијата на повратниците од ИД би можела да се соочи со најмалку три предизвици, од кој првиот се однесува на капацитетите на институциите за спроведување на планот, вториот е поврзан со обезбедување соработка помеѓу институциите за спроведување на законот и повратниците, и третиот е обезбедување услови планот да не се фокусира само на самите повратници, туку и на оние кои се изложени на ризик од радикализација.

– Треба да се обрне внимание и на намалување на стигмата што често ги опкружува повратниците и членовите на семејството и да се бара од другите лица да го поддржат нивното повторно вклучување во заедницата, сметаат авторите на анализата.

Според „Џаст секјурити“, Владата на Северна Македонија заслужува признание за ваквата амбициозна и добро осмислена програма за реинтеграција.

– Таа не само што ќе им биде од полза на жителите на Северна Македонија и на повртаниците, туку може и да им помогне и на другите држави кои се соочуваат со предизвикот за реинтегрција на вратените странски борци и членовите на нивните семејства, заклучува американскиоит портал.