Вработените во „Еурокомпозит“ денеска на протест и на средба со прилепскиот градоначалник

Вработените во прилепската наменска фабрика и загубар „Еурокомпозит“ денеска ги продолжија протестите низ улиците на Прилеп со барање да им се исплатат две плати за да почнат да работат, воедно, и да го прифатат предложеното од вицепремиерот Кочо Анѓушев дека ќе чекаат шест месеци конечно да се реши ситуацијата во компанијата и да се најде стратегиски инвеститор.

Според Роберт Богданоски, претседател на синдикатот, за своите барања испратиле известување до Анѓушев и до премиерот Заев.

– Го прифаќаме решавањето на проблемот со „Еурокомпозит“ во рок од шест месеци, но итно да ни се исплатат две плати за да почнеме да работиме. За ова испративме изветувања до вицепремиерот Анѓушев и до премиерот Заев, Во меѓувреме продолжуваме со протестите, рече Богданоски нагласувајќи дека недовербата од вработените доаѓа зашто слични ветувања добиваат 10-ина години.

На барање на прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, синдикалните претставници остварија заедничка средба, а Јованоски вети дека ќе се заложи за конечно решавање на ситуацијата со вработените и со компанијата „Еурокомпозит“.

– Ми ги кажаа проблемите кои ги имаат како компанија. И пред четири месеци разговаравме. Тогаш имаа барање да добијат одредени средства од владата за кои кажаа дека ќе бидат употребени за набавка на репроматеријали за да работат. Владата ги обезбеди тие средства, околу 16 милиони денари, но не биле правилно распределени. Дел биле за плата, а за другиот дел вработените не знаат за што биле распределени и мислат дека се злоупотребени. На денешниот состанок што го одржавме се договоривме дека ќе ги информирам сите надлежни институции, пред се, министерството за економија, ќе ги информирам вицепремиерот Кочо Анѓушев, а и премиерот Зоран Заев, и мислам дека мора да се наде конечно решение за овие вработени и за компанијата. Тоа им го вети и премиерот Заев и се надевам дека вработените ќе бидат задоволни, изјави Јованоски.

На минатонеделната средба на синдикатот со менаџментот на компанијата, со гранковиот синдикат СИЕР и со вицепремиерот Кочо Анѓушев пристигна владин предлог раководството на компанијата да достави план за работа (краен рок е петок 23 февруари), вработените да почнат да работат, наредните шест месеци да добиваат плата преку другата фирма „Композитна опрема“, а во меѓувреме да се бара стратегиски странски партнер за компанијата. Вработените го прифаќаат рокот да се чека 6 месеци, но веднаш да добијат две плати за да почнат да работат.