Како наш традицонален пријател и клучен партнер во реализација на нашата евроатлантска цел, САД остануваат суштинска поддршка и во реформскиот процес витален за остварувањето и на нашата европска агенда. Ова било исткнато на средбата меѓу вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров со американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз, прва по преземањето на новата функција.
Како што соопшти СЕП, соговорниците разговарале на повеќе теми, со акцент на клучните активности во периодот што следи, во контекст на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската Унија.
– Како наш традицонален пријател и клучен партнер во реализација на нашата евроатлантска цел, САД остануваат суштинска поддршка и во реформскиот процес витален за остварувањето и на нашата европска агенда, несебично вложувајќи ги своите политички и економски капацитети, рече Димитров.
Од американска страна, додава СЕП, беше истакнато дека со исполнувањето на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО, како и со напорите за спроведување на принципите и вредностите на зрела демократска држава, Северна Македонија продолжува да ја зацврстува својата позиција на кредибилен партнер.
На средбата станало збор и за централната улога на Секретаријатот за европски прашања во најзначајниот период на нашата земја во светло на отпочнувањето на пристапните преговори, разгледувајќи ги и можностите за американска помош во подготoвка на зрели проекти, стои во соопштението.