Заев – Баздникин: Честитки од Русија за новата Влада, соработката продолжува

Стратешки интерес на Северна Македонија се членството во НАТО и интеграциите во ЕУ, но нашата земја го почитува традиционалното пријателство со Руската Федерација и соработката во областите од заемен интерес за граѓаните, како што се економијата и културата, рече премиерот Зоран Заев на денешната средба со рускиот амбасадор, Сергеј Баздникин.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, е предадена телеграма со честитки за формирањето на новата Влада на Република Северна Македонија од рускиот премиер Михаил Мишустин, до премиерот Заев. Во телеграмата се изразени заложби за унапредување на билатералната соработка во иднина.

-Оваа Влада има подобри шанси пред себе да го унапреди квалитетот на живот на нашите граѓани, бидејќи се затворени крупните предизвици коишто стоеја на патот на евроатлантските аспирации. Сега се насочуваме како Влада и јас лично, првенствено кон резултати во економијата. На тој пат сме подготвени на принципиелна економска соработка со сите држави – пријатели на нашата земја. Владината коалиција цениме дека е поставена на стабилни основи и во очекуваниот полн четиригодишен мандат нашите цели се подобар животен стандард на граѓаните и реализација на европските перспективи, истакна Заев.

На состанокот се потврдени заедничките определби за континуитет во трговската размена и економската соработка.