Средба на Џафери со амбасадорката на Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон

Претседателот на Собранието на Република С. Македонија Талат Џафери, денеска имаше средба со амбасадорката на Кралството Шведска,  Кристин Форсгрен Бенгтсон.

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери изразил уверување дека и во наредниот период двете држави ќе продолжат да ги развиваат и унапредуваат меѓусебните односи и дека парламентарната соработка ќе се интензивира.

-Тој информираше дека по одржаните парламентарни избори на 15 јули 2020 година, формирањето на парламентарното мнозинство и изгласувањето на новата Влада, Собранието е во фаза на формирање на работните тела, делегациите во меѓународните собранија и пратеничките групи за соработка. Во однос на работата на Собранието, истакна дека фокусот ќе биде ставен на реформските процеси врзани со евроинтеграциите, справувањето со коронавирусот и економскиот развој, се вели во соопштението.

Со цел обезбедување непречена работа на законодавниот дом и исполнување на неговата функција на претставнички дом на граѓаните, претседателот Џафери истакнал дека се размислува за воведување алтернативен начин на работа, односно работа од далечина, како што рекол, само доколку состојбата со коронавирусот го наложи тоа. Тој изразил надеж дека при тоа, сите пратеници ќе ја исполнат својата должност на претставници на граѓаните, а не само претставници на партиите.

Амбасадорката Бенгтсон упатила честитки за успешното одржување на парламентарните избори во услови на пандемија, а како многу позитивни настани за земјата ги оцени членството во НАТО, зеленото светло за отпочнување на преговорите со ЕУ и имплементацијата на реформите.

-Таа посака успех во можното организирање на работа на далечина во која ќе учествуваат сите пратеници. Двајцата соговорници изразија жалење што поради околностите на пандемијата, не беше остварена најавената посета на спикерот на Риксдагот, Андреас Норлен на Република С. Македонија на крајот на февруари 2020 година и изразија подготвеност таа да се случи веднаш штом условите тоа ќе го дозволат. Оваа посета ќе претставува потврда на одличните билатерални односи меѓу двете држави и поттик за интензивирање и проширување на парламентарната соработка, се додава во соопштението од собраниската прес-служба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *