Македонски Брод со јапонска донација има обновен Здравствен дом

Со донација од 55.600 евра е обновен Здравствениот дом на Македонски Брод, со што се овозможени подобри здравствените услуги за жителите и подобри услови за работа на здравствените работници.

При денешната посета на Оштината, амбасадорката на Јапонија, Кеико Ханеда, се информираше за зафатите при подобрувањето на условите во Здравствениот дом.

Со донацијата е обновена надворешната фасада, променета е дограмата и обновени се фоајето, влезот и одделението за Итна медицинска помош.

– Чест ми е што сум во Општината. Честа е голема да се види дека е пружена помош за Здравствениот дом, кој е единствената институција од ваков тип во Општината. Среќна сум што е завршена убава работа за оваа институција. Јапонците секогаш се подготвени да им помогнат на Македонија и на македонскиот народ. Концентрирани сме што повеќе да му помогнеме на здравствениот сектор и да се подобрат здравствените услови. Благодарност до пријателството помеѓу двете земји, рече амасадорката Ханеда.

За директорот на Здравствениот дом, Жарко Симески ова е почеток на подобрување на условите за здравствената заштита на населението и за работата на здравствените работници. Ќе се инвестира и во другите одделенија.

– За нас ова е огромен проект. Донацијата многу ни помогна, реновирањето ги подобри условите во Здравствениот дом. Проектот е за промена на надворешната дограма и за енергетски ефикасна заштита. Сега имаме обновена здрада. Го реновиравме одделението за Итна медицинска помош. Ние ќе продолжиме да ги реновираме другите одделенија. Ќе вложуваме во подобрување на условите за грижа на пациентите и за подобрување на здравјето на жителите. Ние ги опслужуваме жителите од општините Пласница, Долнени, рече Симески.

Градоначалникот на Македонски Брод,  Живко Силјаноски ја нагласи благодарноста за проектот кој доаѓа во вистинско време.

– Благодарност до Јапонската амбасада што го избра нашиот проект како еден од подобрите за реновирањето на Здравствениот дом во Македонски Брод и е од големо значење не само за вработените, туку и за пациентите кои ќе имааат многу подобри услови за лекување, а вработените подобри услови за работа, рече Силјаноски.

По  повод  успешно  реализираниот  проект,  амбасадорката  Ханеда  во  кругот  на  Здравствениот дом засади јапонска  цреша.