Средба на претседателот на Собранието Џафери со амбасадорот на Романија, Станила

На денешната средба на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери со романскиот амбасадор Виорел Станила, се потенцираше досегашната пријателска и конструктивна соработка меѓу двете земји.

Во таа насока, соопштија од Собранието, претседателот Џафери се заблагодарил за досегашната голема поддршка што Република Романија и ја даваше на нашата земја на патот кон полноправно членство во НАТО, како и силната и недвосмислена поддршка за добивање на датум за започнување на преговори со ЕУ.

Џафери изразил надеж дека и во иднина оваа поддршка и соработка меѓу двете страни ќе продолжи со ист интензитет.

Романскиот амбасадор му упатил честитки на Џафери за неговиот втор мандат како прв човек на Собранието, изразил задоволство и пофалби за неговата работа како и за целокупната досегашна соработка со романската амбасада.

– Амбасадорот Станила искажа задоволство што конечно на Република Северна Македонија и се отвора можност после три децении, да стане членка на Меѓународната организација Црноморска економска соработка/БСЕК, со која во моментов претседава Република Романија. Претседателот на Собранието го увери својот гостин дека ќе се заложи сите процедури на владино и парламентарно ниво кои се потребни за влез во оваа организација да се завршат до 13 ноември 2020 година, кога во Букурешт треба да биде и приемот на нашата земја во БСЕК, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба.

На средбата, соговорниците се согласиле дека ќе ја продолжат меѓусебната соработка на највисоко ниво.