Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари средба со кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо кого го информирал за конституирањето на Парламентот, изборот на новата Влада и за тоа дека следи избор на работните тела на законодавниот дом, вклучително и на групата за соработка со Парламентот на Кина.
– Пандемијата има свое влијание на взаемните физички посети и комуникации, но законодавните домови имаат можност по електронски пат да ја негуваат утврдената парламентарната соработка, истакнал Џафери.
Како што пренесува собраниската прес-служба, Џафери изразил надеж дека со формирањето на Владата ќе продолжат започнатите и предвидените билатерални проекти.
Амбасадорот Џанг му врачил на Џафери писмо со честитка за реизборот од претседателот на Секинескиот народен конгрес, Ли Џаншу. Амбасадорот оценил дека соработката меѓу државите мора да продолжи, покрај во здравствениот сектор, и во други сектори од взаемен интерес како што се во транспортот, инфраструктурата и енергетиката.
– Големиот кинескиот пазар обезбедува одлични можности за соработка и во други полиња и за таа цел, Амбасадата на Народна Република Кина во Република С. Македонија активно соработува со стопанските комори и други чинители за искористување на овие потенцијали, истакнал Џанг.