Министерот за финансии Драган Тевдовски смета дека не треба да се посегне кон зголемување на прагот за пензионирање се додека не се искористат сите други можности.
– Како човек кој доаѓа од социјалдемократска Влада сметам дека треба да се почитува тоа што кај нас има огромен број на луѓе кои имаат тешки работни места и апсолутно за изнаоѓање на решение не би требало да посегнуваме кон зголемување на овој праг се додека не се искористат другите можности, истакна Тевдовски во вечерашната емисија „24 Анализа“ на Телевизија 24.
Во однос на најавите за раст на персоналниот данок, Тевдовски најави дека до крајот на април ќе почнат јавните дебати за оваа реформа. Нагласи дека прогресивното одданочување на персоналниот данок на доход е воведено во најголем дел од држави од ЕУ каде, како што посочи, има многу посериозни стапки од оние кои ќе бидат воведени во Македонија.
Министерот посочи дека финансиската состојба во државата е стабилна и оти од аспект на Буџетот навремено ќе бидат исплатувани сите обврски. Нагласи дека еврообврзницата е издадена со најниска каматна стапка која е пониска од стапката на очекуваниот раст на економијата, а во однос на внатрешното задолжување рече дека за годинава е предвидено нето задолжување од 88 милиони евра што е за 100 милиони евра пониско од претходната година.
За новиот закон за јавни набавки рече дека тој е изготвен по барање и на бизнис заедницата и на институциите бидејќи сегашниот закон е повеќепати менуван, а за фискалниот совет којшто ќе биде формиран истакна дека тој ќе има советодавна улога и оти ќе биде сериозна алатка во делот на следењето на фискалната политика.
Тевдовски е задоволен од досегашната транспаретност на Министерството и најави дека до крајот на годината ќе бидат објавувани и детали за плаќањата од трезорот на веб страницата на Министерството за финансии.