Преку обуки за дигитални вештини, УСАИД и АЕТМ помагаат да се развие е-трговијата

Со цел едукација на вработените и зголемување на конкурентноста на е-трговците во услови на ковид криза, оваа недела се одржа вториот едукативен, бесплатен Learn-a-thon на тема „Email Marketing in Practice”. Обуката се реализираше како дел од иницијативата „Ecommerce4ALL”, со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

„КОВИД-19 пандемијата е огромен предизвик, но исто така е и можност за претприемачко размислување и адаптација. Ние во УСАИД сме горди што им помагаме на многу амбициозни бизниси да го остварат својот целосен потенцијал и што работиме заедно со приватниот сектор за да изградиме одржлива и просперитетна економија, вели Ерик Јановски, претставник на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија.

Дводневната обука се фокусираше на разоткривање на можностите кои ги нуди email маркетингот за успешно промовирање и рекламирање на еден е-бизнис. На оваа обука учествуваа 36 учесници од различни е-бизниси кои активно се интересираа и развиваа дискусии за предностите и улогата на email маркетинг во нивните бизниси.

– Инвестирањето во дигиталните вештини е клучно за градење на брендот на секој е-трговец и истакнување на истиот пред пазарот и купувачите. Задоволни сме од интересот на самите е-трговци за постојано надградување на своите дигитални вештини како главна компонента за раст и зголемување на продажбата на една е-продавница. АЕТМ ја поздравува отвореноста за УСАИД за соработка и поддршка на е-трговците за развој на нивните дигиталните вештини и воопшто за развој на е-трговијата во целост. ”- вели Марија Ристовска, проект менаџерот во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се стреми кон инклузивна е-трговија, а преку одржување на вакви и слични обуки за развој на дигиталните вештини кај бизнисите, има за цел да креира иднина за раст на е-трговијата и успех во рамките на Република С. Македонија.

Организаторите укажуваат дека во време на актуелната КОВИД-19 пандемија, дигиталните вештини се неопходни за опстанок и раст на бизнисите. Поради зголемувањето на трансакциите направени преку Интернет, постои зголемена побарувачка за дигитални вештини – од големи компании кои сакаат да ги подобрат своите кориснички искуства преку Интернет, до стартапи кои бараат начини да ги зголемат приходите.