Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, денеска ќе се одржи свечена церемонија по повод отпочнувањето со работа на Kомандата за југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) во Република Северна Македонија.
Од Армијата на Република Северна Македонија информираат дека церемонијата ќе се реализира во согласност со протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за заштита и спречување на ширењето на „Ковид 19“, а се очукаува да присуствуваат претседателот на државата Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, председавачот на процесот СЕДМ, Петро Кочи, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, Амбасадори, заменици на министрите за одбрана, замениците на генералштабовите и воените аташеи на земјите учеснички во бригадата и градоначалникот на Куманово.
Според организаторите, по обраќањето на министерката Шекеринска и председавачот на процесот СЕДМ, Петро Кочи, ќе следува церемонија за примопредавање на должноста командант на бригадата меѓу досегашниот командант, бригаден генерал Тудорика Петраче и бригаден генерал, Аристедеис Илиопулос, како и свечено отворање на реновираниот и опремен објект во касарната кој ќе биде седиште на штабот на бригадата во периодот 2020-2026 година.
Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција. Според Договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е на ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа: Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса.
Единиците кои се назначени во Бригадата остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани со принципот на наменски сили за вежби и операции по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од Политичко-воениот управен комитет (ПВУК).
Позицијата Командант на СЕЕБРИГ ротира помеѓу земјите учеснички на тригодишен период. Во период од 2011 – 2013 година Командант на бригадата беше бригадниот генерал Здравко Поповски од Армијата на Република Северна Македонија.