Во рамки на проектот „Учиме право“ (Street Law) на Младинскиот образовен форум, преку кој младите се едуцираат за човековите, граѓанските и политичките слободи и права, демократијата и концептот на владеење на правото, Европската Унија и процесот на евроинтеграција на нашата земја, денеска Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија го посетија 20-тина средношколци од неколку градови во земјава.
Имајќи предвид дека програмата „Учиме право“ е изградена на принципите на неформалното образование, соопштија од кабинетот на Пендаровски, младите имале можност одблизу да се запознаат со работата и со историјатот на Кабинетот на Претседателот на државата, да влезат во дел од работните постории во Вила Водно, како и лично да се сретнат со шефот на државата.
Во разговор со средношколците, претседателот Пендаровски ги информирал за своите уставни и надлежностите во надворешната политика, во секторите одбрана и безбедност, за обврските како Врховен командант на вооружените сили, како и за политичката функција на институцијата Претседател.
– Институцијата Претседател треба да претставува мост меѓу различните политички интереси во нашата земја. Мојот Кабинет е отворен за сите политичари, без разлика дали се на власт или во опозиција, рекол претседателот Пендаровски во разговорот со младите луѓе.
Тој им порачал на младите луѓе да бидат будни и гласно и неуморно да се борат за своите права, бидејќи, како што додал претседателот Пендаровски, ниту една држава не може да напредува, ако од животот во неа се задоволни само возрасните.
– Вие, младите генерации треба побрзо да ги учат лекциите за демократија. На политичарите не смеете да им дозволите да имаат мирен мандат, заклучил претседателот Пендаровски, се наведува во соопштението од неговиот кабинет.
Средношколците од своја страна, во разговор со претседателот Пендаровски, истакнале дека целта на проектот „Учиме право“ е да создаде врска помеѓу концептот на демократијата, човековите права и правниот систем и нивното влијание во секојдневниот живот.
Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија и Вила Водно, се подвлекува во соопштението, и натаму остануваат отворени за сите граѓани, односно за секој што има желба и интерес да ги види работните простории на Вилата, салите каде што се организираат свечености, настани, прес – конференции и средби.