Награда за светско лидерство за претседателот Иванов

Претседателот Ѓорге Иванов синоќа во Истанбул ја прими наградата за „Најдобар светски лидер кој инвестира во нова генерација“, по повод прогласувањето на „Школата за млади лидери“ за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година, од страна Светскиот форум на бизнис ангели.

Иванов во својот говор порача дека целта на Школата за млади лидери е на најталентираните и најуспешните млади од Македонија и од регионот, да им се овозможи она што не можат да го добијат во рамките на официјалниот образовен систем.

Тој, како што соопшти неговиот кабинет, додаде дека Школата, која е финансирана од приватниот сектор е пример за јавно-приватно партнерство, кое инвестира во општеството и иднината.

На доделувањето на наградата македонскиот претседател беше придружуван од сопругата, Маја Иванова.

На Школата за млади лидери која што е лична иницијатива и проект кој се организира под покровителство на македонскиот претседател, досега учествувале над 320 млади луѓе од Македонија и од регионот како и над 180 врвни светски предавачи од областа на политиката, бизнисот, иновациите, комуникациите.