Новата Влада ќе има седум министри помалку

Новата Влада што ќе предводи лидерот на СДСМ Зоран Заев ќе има 19 министри, наместо досегашните 26.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. ДУИ треба да предложи и кандидат за министер за информатичко општество и администрација.

Владината коалиција што ќе ја сочинуваат  СДСМ, Беса и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собраните ќе има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.