Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и директорот на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, Патрик Мартенс, денеска на онлајн-состанок разговараа за можностите да продолжи практичниата настава како дел од дуалното образование во компаниите во неколку градови низ државата во услови на пандемија.
Како што соопшти Кабинетот на Царовска, на состанокот е заклучено дека е неопходно учениците од стручните училишта кои се дел од дуалната настава, практичниот дел да го поминуваат во производствените погони, но под силни протоколи за здравствена заштита за што во наредните неколку дена треба да се донесе и конечна одлука.
– Компаниите веќе ги имаат воспоставено протоколите за заштита од КОВИД-19 коишто треба само да се почитуваат, а бројот на ученици кои ги посетуваат фабриките не е голем. Според наставниот план за ученбата 2020-2021 година, учениците од втора година вклучени во дуалното образование поминуваат еден ден во неделата на практична настава, а учениците од трета година два дена, се наведува во соопштението.
На состанокот, исто така, потенцирано е дека повеќе компании што се веќе вклучени во дуалното образование се заинтересирани за спроведување на практичната обука во нивните производствени капацитети, со што би се продолжила одличната соработка со нивните партнери училишта, но и обезбедувањето квалитетен и стручен кадар.
Дуалното образование е по германски модел и кај нас се спроведува од 2017 година со поддршка на германското стопанство. Во дуалното образование се вклучени 10 компании и средни стручни училишта од пет градови од државата.