Ниту една друга банка не е изложена на ризик што може да се одрази на нарушување на нејзината стабилност и солвентност. Банкарскиот систем се одликува со исклучително прудентно работење и отпорност на шокови, соопшти денеска Македонската банкарска асоцијација (МБА) во врска со одлуката на Народната банка да ја укине дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје.
Според МБА, утврдените слабости во работењето на „Еуростандард банка“ АД Скопје, за кои беше известено при соопштување на укинувањето на дозволата за нејзино работење, не ги отсликуваат карактеристиките на банкарскиот систем кој е сигурен, стабилен и солвентен.
-Показателите недвосмислемо укажуваат дека банкарскиот систем е во одлична кондиција, способен да одговори на потребите на населението и компаниите, а таа стабилност се согледува преку тоа што располага со високо ниво на ликвидност, при што ликвидната актива покрива близу 60 отсто од депозитите на домаќинствата, квалитетот на сопствените средства е исклучително висок и доминантен дел од нив од околу 90 проценти се од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на системот, а солвентноста на системот континуирано е двојно повисока од законскиот минимум од осум отсто, при што според првичните расположливи податоци со состојба на 30 јуни 2020 година, стапката на адекватност на капиталот изнесува 17 проценти, наведува МБА.
Овие показатели, уверува Македонската банкарска асоцијација, обезбедуваат сигурност на депозитите на населението и правните лица.
-Депозитите во сите банки и штедилници се сигурни, а како и досега банките и штедилниците ќе продолжат со проширување на понудата на депозитни производи, следејќи ги современите трендови и потребите на клиентите, нагласува МБА и информира дека во рамки на можностите сите банки и штедилници максимално ќе се заложат да одговорат на потребите и барањата на физичките и правните лица кои биле клиенти на „Еуростандард банка“ АД Скопје за да продолжат непречено да ги користат банкарските услуги и производи.
-Сите банки и штедилници се на располагање за да обезбедат брза, квалитетна и ефикасна банкарска услуга, како во однос на отворањето сметки, така и за обезбедување производи за штедење или пак доколку е потребно за рефинансирање на обврските по основ на кредитни производи на клиентите на „Еуростандард банка“ – АД Скопје кои редовно ги подмирувале своите кредитни обврски. Фондот за осигурување на депозити располага со доволно средства и соодветно ќе започне постапка за обештетување на осигурените депозити, наведува МБА.