Директни и индиректни последици од вториот ТАТ значат 20-тина милиона евра кои ќе останат необештетени, нов бран на отпуштања од работа, и стечај на фирми и клиенти поврзани со банката
Пропаѓањето на Еуростандард банката е огромен скандал и неуспех на македонската влада. За кус период се покачи цената на струјата, се потроши еврообврзница од 800 милиони евра на непродуктивни трошења, ниту една буџетска дупка не се затвори, а денес под директен ризик со пропаста на банката се 55 илјади граѓани кои примаат пензии и социјална помош од Еуростандард банка.
Сега државата треба да санира дупка од 70 милиони евра. Според одредени информации непокриени, односно пари кои нема да бидат обештетени остануваат дваесетина милиони евра. Повторувам дваесетина милиони евра ќе останат необештетени.
Значи имаме втор октопод, втор ТАТ, а на површина излегува и втор „министер во тренерки“ како од деведесетите години.
Освен тоа индиректните последици се уште поголеми.
Се нанесува огромна штета и на македонска пошта која работи преку системот и услугите на Еуростандард банка која сега се затвора.
Прво, следува нов бран на отпуштања, 170 вработени од Еуростандард банка остануваат без работа, под ризик се и неколку стотина вработени во македонска пошта што работеа на платниот промет.
Второ, освен Еуростандард банка сега и македонска пошта ќе се соочи со ликвидносни проблеми затоа што ќе немаат редовни приливи.
Трето, под ризик за стечај се и најголемите клиенти на Еуростандард банка чии депозити сега се замрзнати, а прашање е и дали ќе бидат наплатени.
Четврто, со пропаѓањето на Еуростандард банката ќе се продава и недвижниот имот стекнат од аферата „Фиком“ каде пак се оштетени десетици други семјества чиј пари се проневерени во аферата.
Прашањата кои се поставуваат се, дали овде има и политика. Кој знаел од владата и дали се превземени навремени мерки? Дали се свесни дека ова е исклучително лоша порака и за други потенцијални инвеститори? На влада која и се случи пропаѓање на банка е доказ за неспособност и ставање на државата на црната листа на банкарско и финансиско портфолио.
Директните и индиректните последици од вториот ТАТ значат дваесетина милиони евра кои ќе останат необештетени, нов бран на отпуштања од работа и стечај на фирми и клиенти поврзани со банката.