Осмото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО, во организација на Тиииит! Инк – Скопје под транспарентот „Жените се малцинство“ ќе се одржи од 17 до 23 август 2020 година во Младинскиот Култирен Центар во Скопје, ЦАЦ Монтажна Галерија и Музејот на современа уметност. Петдневната програма опфаќжа изложби изложби, разговори, работилница, концерти, диџеј сетови и проекции на филм.
-Со ваквото политичко позиционирање имаме цел да го преиспитаме значењето на терминот „малцинство“, свесно одбегнувајќи ја неговата национална, доминантна претпоставеност. Сакаме да посочиме дека во значењето на овој поим многу поважни се, всушност, односите на моќ помеѓу најразличните општествени групи, како и доминацијата на едни врз други. Таквата доминација секојдневно се случува преку вкоренети штетни политички уредувања и општествени норми, кои подразбираат дискриминација на мноштво идентитети што не се вклопуваат во идеалот што му е припишан на хегемониското мнозинство. Токму затоа, прашањето за малцинствата е и феминистичко прашање, велат организаторите.
На официјалното отворање на Фестивалот в понеделник на 17 август во 21 часот ќе се обрати претседателот Стево Пендаровски.
ПРВО ПА ЖЕНСКО е отворена платформа каде феминистичките вредности и дебати се водат со сите актери во општеството без исклучоци, сѐ со цел подобрување на состојбата на женските права и родовите политики. Значителен дел од програмата на овој фестивал спаѓа во рамките на Women on Women (WoW) проектот – кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Комисија, што Tiiiit! Inc. го спроведува заедно со Mesto Žensk – Љубљана, K-Zona – Загреб/VoxFeminae, Outlandish Theatre Platform – Даблин Проектот се фокусира на родовата еднаквост низ феминистичка перспектива, трасирајќи го наследството на жените (жени, трансродови и интерсекс луѓе кои се идентификуваат како жени), низ интерсекциска перспектива, како и перспектива на различностите.
Годинава, ПРВО ПА ЖЕНСКО започнува посветено да ја реализира својата зелена агенда и преку конкретни акции да го промовира прашањето за заштита на животната средина, кое е несомнено и феминистичко прашање, зашто родовата нееднаквост и глобалната неправедност произлегуваат од истиот систем кој ги експлоатира природата и нејзините ресурси, исто како што ги експлоатира и луѓето. Визуелното решение за осмото издание на Фестивалот е на интердисциплинарната уметница и архитектка Тамара Забазноска.
Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО е поддржан и од FRIDA – Young Feminist Fund, Министерство за култура на РСМ и Град Скопје, и се реализира во соработка со Младински културен центар – Скопје, МОТ+, Музеј на современа уметност – Скопје, ИСКРА Букинг, Period Skopje, Од нула до дула. Целосната програма на фестивалот може да ја проследите овде.