Пандемијата и натаму носи ризици за економијата

Последните макроекономски показатели укажуваат на силни ефекти на пандемијата на КОВИД-19 врз глобалната и домашната економија. Иако економските основи на среден рок се оценуваат како здрави, сепак, амбиентот во кој се спроведува монетарната политика е променлив, со исклучително висока неизвесност, оценува Народната банка во августовскиот Квартален извештај.

Во однос на изворите на ризици, тие и понатаму се изразено надолни и се речиси целосно поврзани со пандемијата на КОВИД-19. Во споредба со априлските проекции, ризиците се уште понеповолни, со оглед на понатамошните надолни ревизии на проектираната глобална економска активност, како и исклучително високата неизвесност околу спречувањето на ширењето на заразата, како и ефектот врз економијата. Како што беше нагласено и во април, ризиците и за глобалната и за домашната економија се однесуваат на можното пролонгирање на инфекцијата и на рестриктивните мерки, евентуалната појава на втор бран на инфекцијата и повторно активирање на стратегиите за заштита на јавното здравје, како и на промените во однесувањето на економските субјекти во поглед на нивните потрошувачки и инвестициски
одлуки, оценува Народната банка.

По олабавувањето на монетарнaта политика во текот на првото тримесечје во два наврата Народната банка во вториот квартал од 2020 година дополнително ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, со што таа се сведе на историски најниското ниво од 1,5 отсто. Покрај тоа, во текот на вториот квартал, на двапати беше намалена понудата на благајнички записи, за вкупно 15 милијарди денари, заради обезбедување поддршка на македонската економија преку одржување на кредитните текови и кредитниот циклус од страна на банкарскиот систем.

Во услови на солидно ниво на девизните резерви и отсуство на инфлациски притисоци, оваа монетарна поставеност беше оценета како соодветна на постојните економски и финансиски движења, кои се под силен удар на пандемијата на КОВИД-19 и рестриктивните мерки за спречување на ширењето на вирусот. На девизниот пазар, Народната банка интервенира и во текот на вториот квартал од годината, во услови на намалени девизни приливи поради пандемијата. Девизните резерви во второто тримесечје од годината остварија раст, главно заради трансакциите за сметка на државата и според сите показатели за нивната адекватност, тие и натаму се во сигурната зона. Поволни поместувања беа забележани и кај депозитните и кредитните текови, кои бележат солиден раст над очекувањата според априлската проекција.

Податоците за бруто девизните резерви за второто тримесечје упатуваат на раст во однос на претходниот квартал, што главно се должи на трансакциите за сметка на државата, односно на задолжувањето на државата кај Меѓународниот монетарен фонд во април и издавање хартии од вредност на меѓународните
финансиски пазари.

Кредитната активност на банкарскиот сектор во текот на вториот квартал од годината оствари забрзан квартален раст, којшто во поголем дел беше резултат на зголеменото кредитирање на секторот „претпријатија“, при солиден позитивен придонес и на кредитите на домаќинствата.

На годишна основа, кредитниот раст на крајот на вториот квартал достигна 6,6 проценти, што е над проектираниот годишен раст според априлската проекција (4,3 отсто). Во однос на изворите на финансирање, во вториот квартал беше забележан забрзан раст и на депозитната база, којшто во поголем дел беше резултат на зголемувањето на депозитите на домаќинствата, при солиден раст и на депозитите на претпријатијата и на останатите финансиски институции.

Годишниот раст на вкупните депозити на крајот на јуни изнесува 8,4 отсто, што претставува солиден раст и е повисок од очекуваниот според априлската проекција (6,3 проценти).

Народната банка очекува дека мерките преземени во првата половина на годината ќе овозможат натамошна и соодветна кредитна поддршка на домашната економија од страна на банките, во отсуство на инфлациски притисоци. Девизните резерви се во рамките на очекувањата и се очекува дека ќе се задржат во сигурната зона, а за инфлацијата се оценува дека ќе остане во прифатливи рамки.

Народната банка и во следниот период ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од домашното и надворешното окружување, во контекст на поставеноста на монетарната политика.