Соопштение од СДСМ за преговорите и формирањето Влада

СДСМ започнува сериозни преговори со претседателите на политичките партии, со работни групи, членови на раководствата на партиите, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање посветена Влада, која ќе се движи брзо напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата.

Разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или национализми, Влада која нема никакви дилеми кога е во прашање нашиот заеднички пат кој се вика “Северна Македонија – Едно општество за сите”.

Разговараме за Влада која ќе се бори со криминалот и корупцијата на сите нивоа, а особено внимание ќе посветиме на делот за прочистување на правосудството и на проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе го договориме.

Новата Влада предводена од СДСМ ќе донесе и сериозна реформа на јавната администрација, промена која ќе донесе ефикасни, поголем број и побрзи услуги за граѓаните, но и намалување на обемот на администрацијата за 20%, со помал број министри и рационализација на јавните служби.

Владата за која разговараме, на првото место од својата европска и граѓанска агенда, ќе ја има новата македонска економија, чии главни принципи се продолжување на раст на платите, вложување во младите и во рамномерниот регионален развој, водење посебна грижа за најсиромашните граѓани и постојана поддршка на домашниот приватен сектор.

Тоа го побараа граѓаните на изборите, тоа ќе го испорачаме.

Во наредниот период нé чека двојно повеќе работа, но заедно, одговорно и посветено ќе успееме!

Затоа што навистина можеме! Можеме уште повеќе и уште подобро!