Поддршка за локални и тинктенк граѓански организации за ублажување на последиците од Ковид-кризата

Фондацијата Отворено општество – Македонија, преку Заедничкиот фонд за брз одговор на КОВИД-19 обезбеди 148.000 долари поддршка за три локални и три тинктенк граѓански организации, со цел да се ублажат социо-економските последици од влијанието на Ковид-кризата во државата за најранливите групи граѓани и за жените кои се дел од секторите со ниски примања, неформалната економија и за привремено вработените.

Како што соопштија денеска од ФООМ, средствата се обезбедени преку регионалниот проект „Одговор на социо-економските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранливите групи, нископлатените работници, работниците од неформалната економија и повремено вработените“. Проектот се спроведува во земјите од Западен Балкан, со поддршка од Заедничкиот фонд за брз одговор на КОВИД-19 на Фондациите Отворено општество.

Локалната грант-поддршката за трите здруженија и трите тинк-тенк организации, преку
спроведените активности во рамките на проектот, треба да овозможи: директна поддршка за организациите кои ги застапуваат ранливите категории граѓани, за да креираат конкретни модели и интервенции за заштита од последиците од кризата и да стимулираат вработување, како и директна поддршка на ранливите групи граѓани, како и анализа на реалната социо-економска состојба, со што ќе се овозможи следење и креирање јавни политики кои се темелат на факти, како и обезбедување неутрални и независни препораки за владата, опозицијата, медиумите и за јавна дебата.

Поддршката има за цел и подобрување на капацитетите за застапување на здруженијата, но и на најранливите групи, со што ќе се овозможи нивно директно влијание врз креирањето на
долгорочните политики. Воедно, да придонесе за формирање регионална платформа за јавен дијалог за да се дискутира за ефектите од кризата врз економските сектори и да се изгради стратегиска
визија за развојот на земјите од Западен Балкан по завршувањето на кризата со Ковид19.